Ставањето на Камчев на црната листа ѝ донесе неволји на Бугарија, пишува софиски „Фактор“

„Фактор“ објавува дека Орце Камчев и целото негово семејство на крајот на 2005 година добиле бугарски пасоши за само пет работни дена помеѓу Божик и Нова година


Орце Камчев од неодамна е на црната листа на САД

 

Одлуката на американското Министерство за финансии да го стави најбогатиот македонски бизнисмен Орце Камчев (според рангирањето на „Форбс“) на црната листа на санкции поради корупција и перење пари отвори многу прашања не само во Македонија, туку и во регионот. Особено во Бугарија, пишува бугарскиот медиум „Фактор“.

Во долга анализа бугарскиот портал отвора многу прашања – а клучното е на кој начин бугарската држава поради Орце Камчев ја сврте страницата и ги влоши односите со Македонија. Пресвртната точка, според „Фактор“ била во моментот кога Македонија одби да го прифати предлогот на Софија од 2019 (тогаш министерка за надворешни работи беше Екатерина Захариева) Орце Камчев да стане почесен конзул на Бугарија, што би му овозможило ограничен дипломатски имунитет во моментот кога беше почната истрагата за случајот „Империја“. Според „Фактор“, тогашниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, силно го поддржувал тој предлог.

„Фактор“ ја претставува улогата на Орце Камчев во македонскиот бизнис и политика, за случајот „Рекет“, за истрагата околу плацевите на Водно, за неговата силна врска со Никола Груевски и Сашо Мијалков, што е доволно елаборирано во Македонија, но дава и некои детали кои можеби не ѝ се познати на овдешнава јавност.

Што е она што е предизвикува внимание во Бугарија околу одлуката на САД за Камчев и неговата активност кај нашиот сосед.

Еве што пишува „Фактор“:

„Политички случајот ‘Камчев’ во Бугарија предизвикува интерес поради тоа што лично претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски признава дека бил финансиран од него. Мицкоски изминатава година деноноќно ги плаши сограѓаните со ‘бугарски диктат’, ‘бугарски фашизам’ и ‘бугарско негирање на идентитетот’. Ова, според американските власти, се смета за главна пречка и закана Македонија да стане најопасното место на Западен Балкан, понестабилно дури и од Косово и Босна и Херцеговина…

Познавачите на настаните во Македонија се сеќаваат дека летото 2021 година беше објавена аудио снимка која сведочи дека Мицкоски добивал пари директно од Орце Камчев. Од неа јасно се гледа дека самиот Мицкоски вели дека Камчев ги плаќал сите сметки на најсилниот бугарски политички противник – ВМРО-ДПМНЕ, па дури и парите за кабелската телевизија во партиското седиште во Скопје. На снимката се слуша и дека Мицкоски никогаш нема да заборави што направил Камчев и ќе се бори со заби и нокти да не биде осуден…

Потсекретарот за контратероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии на САД, Брајан Нелсон, даде уште пошокантни откритија образложувајќи ја одлуката за снакции: ‘Камчев ја злоупотребил својата положба учествувајќи во коруптивни акции на сметка на демократските институции и граѓаните на Република Северна Македонија’. И токму во тоа е вистината за злобната улога на Орце Камчев и блокирањето на евроинтеграциите на нашиот југозападен сосед“.

На ова „Фактор“ додава во каква непријатна улога би се нашла Бугарија доколку Камчев сега беше нејзин почесен конзул во Македонија:

„Можеме да замислиме во каква збунувачка ситуација би била Бугарија денес доколку Камчев беше именуван за нејзин почесен конзул пред неколку години. Иако со ограничен дипломатски имунитет, тоа ќе му помогнеше дома да го избегне затворот, а на меѓународен план ќе беше дамка за бугарската дипломатија и нашата највисока политичка елита. Оттогаш започнаа проблемите со македонската влада на Зоран Заев, кои се одразија на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а нашата земја ја загуби лидерската улога на Западен Балкан поради бескрајните историски спорови“.

„Фактор“ објавува дека Орце Камчев и целото негово семејство на крајот на 2005 година добиле бугарски пасоши за само пет работни дена помеѓу Божик и Нова година. Па цитира еден дел од објавените видео снимки: „Ќе те пуштам од Бугарија како Ким Јонг. Затоа борете се во Македонија. И ќе оди сѐ у п…у матер. И ќе дојде Мицкоски. И шо праиме после? Треба крв до колена? Не се  научија дека 30 години најпаметни Љупчо и Бранко испаднаа и после седнаа и се договорија?

Во овој контекст би можела да се анализира и идејата за вклучување на македонските Бугари во Уставот на Македонија. Познавачите на оваа работа се сеќаваат дека во 2001 година, при потпишувањето на Охридскиот договор, Бугарија го одби барањето на тогашната Република Македонија да ги вклучи македонските Бугари во нивниот устав. Од изјавата на шефот на дипломатијата на Македонија, Бујар Османи, се гледа моделот за решавање на проблемот со Бугарија дошол од висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сугерирал Бугарите да се внесат во уставот. Оттука произлегува логичното прашање – чија идеја е впишувањето на македонските Бугари, која произлезе од средбата на 22.07.2021 година меѓу лидерот на ГДУ Петар Колев и веќе поранешниот вршител на должноста министер за надворешни работи Светлан Стоев на Бугарија – од службениот министер или всушност е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ и бугарската врска на Орце Камчев?“, се прашува „Фактор“.

Тоа е тешко за дознавање.

Софискиот портал понатаму пишува за тоа колку долго траат биснис врските на Орце Камчев со Бугарија, наведувајќи дека тие се протегаат дури од времето на комунизмот на Тодор Живков и неговиот татко Илија Камчев.

„Тие се создадени во 70-тите од неговиот татко Илија, роден во село во близина на градот Кавадарци. Неговиот татко е економист и припадник на југословенските специјални служби. Работел во областа на надворешната трговија и бил на раководни позиции во ‘Македонија кооп’ која отворила трговско претставништво во Софија, а на чело е Илија Камчев. По падот на Берлинскиот ѕид и Живков од власт, а непосредно пред излегувањето на Македонија од Титова Југославија, Илија заедно со неговиот син Орце започнаа многу сериозен бизнис“, пишува „Фактор“ и ги наведува фирмите на Камчеви, добро познати кај нас.

Софискиот портал дава податоци како се развивал бизнисот на Камчеви во Бугарија: „Во Бугарија за време на учеството на Патриотите во извршната власт, Камчеви ја регистрираат ‘Камил-РМ’, а нивната фирма купила три апартмани: два се во Банско и во село Лозенец, а третиот е на булеварот ‘Жолио Кири’ во главниот град. На оваа адреса е регистрирана и бугарската фирма на Камчеви. Сите три имоти се купени со кредити од бугарските банки, а кредитите се исплатени многу брзо по нивното добивање“.

Потсетувајќи дека Никола Груевски и Сашо Мијалков беа санкционирани од САД во 2022 „Фактор“ поставува четири прашања и вели дека бугарските граѓани заслужуваат одговори на нив. Еве ги тие четири прашања:

„1. Дали Красимир Каракачанов ги користи своите врски со поранешниот министер за одбрана Бојко Ноев, преку кој ја наметнува идејата за впишување на македонските Бугари кај претседателот Румен Радев?

2.Дали двојниот државјанин Ванчо Јанакиевски е агент на УДБА, под кодно име ‘Зорка’ и дали е еден од основачите на бугарскиот клуб ‘Цар Борис’ од Охрид?

3.Која е логиката бугарската држава да предложи за свој почесен конзул во Македонија личност која финансира и има влијание врз политичка формација која промовира антибугаризам и ја блокира интеграцијата меѓу двете земји?

4.Бугарските специјалци да ги проверат гласините кои се шират во Македонија дека се платени 15 милиони американски долари за Камчев да стане почесен конзул на Бугарија“.