Стартува новата авиолинија од Истанбул до Охрид


На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска слета првиот авион на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ на новата директна редовна лнија од Истанбул до Охрид.

На свеченоста по повод инаугуративниот лет присуствуваа бројни гости, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“ Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екши, турскиот амбасадор Фатих Улусој, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, претставници на тур-оператори и хоелските капацитети на охридско-струшката ривиера.

Пред присутните се обрати претседателот на Владата Мицкоски, кој рече дека развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на националната економија, туризмот и меѓународната соработка.

Според него, државата со својата стратешка локација на Балканот има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај. Оттаму интенцијата на Владата е активно да работи на како што рече, воведување нови авиолинии, поттикнување на нискобуџетни превозници, модернизација на аеродромите, како промоција на земјата како авиотранспортен центар.

– Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава. Нашата земја има огромен туристички потенцијал. Од живописните планини, прекрасните езера и богатото културно наследство, до топлината и гостопримството на нашите граѓани – сето ова ја прави Македонија атрактивна дестинација за домашни и странски посетители. Затоа, нашата Влада активно работи на креирање политики и мерки што ќе го поттикнат туристичкиот сектор, рече Мицоски. 

Притоа, како што рече, се инвестира во патишта, аеродроми и железнички врски, се работи и на промоција на државата како како туристичка дестинација со поддршка за малите и средни туристички бизниси.

– Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно. Денешниот чекор е само почеток. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме посилна, подостапна и глобално поврзана Македонија, рече Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека денеска воспоставената авионска линија до Истанбул е дел од визијата за развој на државата, за која рече дека ги дава веќе првите резултати.

– Ова е резултат на обмислена стратегија, стратегија на субвенционирање што ја водиме откако бевме избрани. Веќе имаме две нови дестинации до Охрид, тоа е Истанбул и Базел, имаме нови осум дестинации од Скопје. Но од сите десет дестинации за мене најважна е Истанбул бидејќи отвора нова врата за охридскиот аеродром и за целиот регион. Во преговори сме и тие преговори за брзо време треба да завршат со една голема компанија која што очекувам да донесе две до три нови дестинации и на тој начин да расте бројот на дестинации на охридскиот аеродром, рече Николоски.

Тој уште посочи дека пуштањето на автопататот на тие 40-тина километри од Врбјани до Охрид секако многу ќе значи за охридскиот аеродром.

Извршниот директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екши, потсети дека авиокомпанијата во својата флота има 480 авиони, со летови кон 353 дестинации во 131 држава на сите континенти.

Охрид со своите природни убавини е новата дестинација на нашата компанија. Тоа што летаме кон најголем број земји кон светот, значи дека не само што ќе донесеме гости од Истанбул туку од целиот свет, а гражаните на Македонија ќе можат преку нашата линија да летаат кон шест континенти, рече тој

Според претходните најави, летовите на линијата Истанбул – Охрид „Туркиш ерлајнс“  ќе ги реализира четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.