Старова: Ирационалноста во македонско-бугарските односи да се замени со културна размена редности
Сегашната ирационалност во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија би требало да се надмине со што побрзо надминување на дефицитот во размената на културни вредности, изјави академик Луан Старова во интервју за бугарската Телевизија Европа.
– Во една позитивна атмосфера, да започне нова ера на взаемно разбирање и почитување и на инфраструктурно и институционално поврзување, вели Старова, оценувајќи дека сегашниот спор меѓу земјава и Бугарија е неразбирлив и неприфатлив.
Тој како позитивен пример во таа насока ги посочува заедничките проекти и соработка помеѓу Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Бугарската академија на науките (БАН) од пред неколку години, како и соработката меѓу македонски и бугарски автори.
– Македонија помина една значајна етапа, постигна стабилна основа како членка на НАТО, каде што од претходно е и Бугарија. Македонија направи големи напори за да се приклучи на европските текови. И сега, наместо да започнеме една нова етапа од заеднички вредности, да се свртиме кон нештата кои не обединуваат, ние ќе се закопаме во минатото, додава академик Старова.
Според Старова, Бугарија не би требало да и прави опструкции на Северна Македонија, која има свои аргументи и се развива врз свои императиви.
– Географски тоа е нашата најблиска земја и ако не попречува кон ЕУ, тоа ќе биде штетен и обесхрабрувачки чин за многу генерации во Македонија, но и во самата Бугарија. Грешката ќе биде видлива по извесен период, додава Старова.
Тој нагласува дека земјава наследи доста позитивни аспекти од поранешната заедничка држава и го зацврсти својот идентитет, особено на полето на културата и литературата.
– На меѓународен план, Македонија беше една од првите земји, по распадот на Југославија, на која Бандентеровата комисија и го одреди правото да биде призната како нова држава, додаде Старова.
Повод за интервјуто беше објавувањето романот на Старова, „Амбасадорот на државата, која нема да постои“ на бугарски јазик, во кој се говори за последните години на Титова Југославија, но со нишки, како што оценува авторот, кои водат „до современите настани на Балканот, како страдално подрачје”.