Старите проблеми и на почетокот на оваа учебна година
Повеќето учебници ги има, но некои нема. Најавата за едносменска настава е неостварлива. Наставниците ќе чекаат до напролет за поголеми плати
Помалку ученици во клупите, исти плати, место повисоки за наставниците, учебници изработени од претходната власт се доставуваат до учениците, а оние со грешки немаат замена, за странски јазици нема учебници, асистентите денеска потпишуваат нови договори, денеска распишан конкурс за дополнителни, најавено едносменско посетување настава, но дел од училиштата немаат капацитети, скапи школски прибори и тетратки – Владата утре ќе носи одлука за лимитирање на цените…
Ова се само дел од проблемите со кои учениците, родителите, наставниците се соочуваат на првиот училиштен ден годинава.
Намален број на ученици
Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 проценти, односно за 17 илјади ученици, а во основното образование, намалувањето изнесува 5 проценти, односно 10 илјади ученици. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации, во кое се користени податоци од Државниот завод за статистика.
Платите на наставниците остануваат исти
Оваа учебна година наставниците нема да ја започнат со повисоки плати, откако ВМРО-ДПМНЕ ја прекина низата на растот на плати во образованието, рече денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче во изјава на медиумите.
„Со СДСМ наставниците секоја нова учебна година ја започнуваа со повисока плата, почнувајќи од 2019 и 2020 година кога платите во образованието пораснаа за 5%, во 2021 за 10%, а во 2022 и 2023, СДСМ ги зголеми платите на двапати по 15 проценти. Тоа е зголемување за над 55 проценти и тоа е влог во образованието, во нашите ученици и иднината на државата. Со СДСМ имаше зголемување на платите и враќање на достоинството на наставниците какво што не се случило до сега. За жал, оваа низа на раст на плати ја прекина ВМРО-ДПМНЕ, она кое пред неколку месеци ветуваше зголемување на платите на наставниците за 15% од септември, a денес за истото вели – nе сега“, рече Филипче.
Од друга страна, министерката за образование Весна Јаневска ги повикува наставниците на трпение, обвинува дека претходната власт не оставила пари во Буџетот за зголемување на платите на наставниците, а ветува дека тоа ќе го направи во март догодина.
„Годинава, поради огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари, немаме можност веднаш да реагираме. Со ребалансот месецов, обезбедивме средства за нормален тек на исплатата на постојните права за кои немаше пари, за исплата на стипендии, субвенциониран оброк, превоз, плати во образованието, освоени награди и така таму. Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство и уверувам дека сé ќе биде подобро за неколку месеци“, рече министерката Јаневска, вчера на прес-конференција.
Учебниците се доставуваат до учениците – тие што ги нема, нема ни да ги има
Учебниците, уверува министерката, се испорачани до секој ученик, а ако тоа не беше направено денеска, ќе се достават во следните денови.
„За разлика од претходните години, учебниците се, или овие ден-два ќе бидат пред учениците. Нема да го имаме тој проблем којшто го имавме претходно. Се сеќавате од пред 10-15 години, кога зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радуваме на максимата учебник за секое дете“, рече премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на училиште во Гази Баба.
Сепак, останува неодговорено прашањето што со учебникот за петто одделение по историја и општество, кој беше полн со грешки и беше повлечен, но учениците уште го предаваат од една на друга генерација. Секако останува и проблемот со учебниците по странските јазици, без кои учат генерации деца. Дополнително што новата власт најавува и нова концепција, различна од онаа на поранешната министерка Мила Царовсска, која не до крај се потруди да ја спроведе министерот Јетон Шаќири и според која беа правени новите учебници.
Денеска, ученици од седмо одделение потврдија дека им биле поделени учебници, но не сите и не за секого.
„Фалат некои. Ни рекоа дека ќе ни ги дадат дополнително“, вели ученичка од седмо одделение, од училиште во Аеродром.
Асистенти ќе се обучуваат следните две недели
Проблемот со образовните асистенти никако да се надмине. Секоја година децата се соочуваат со денови, недели, месеци без потребниот асистент покрај нив, а родителите и на децата со попреченост и на другите негови соученици, се соочуваат со предизвик како да ја изградат врската меѓу нив.
„Денес на првиот училиштен ден ВМРО-ДПМНЕ ги прекина договорите на 800 досегашни образовни асистенти, лица кое се прифатени и им се блиски на учениците. Тоа е срамно и нечовечно. За среќа, во Општина Центар градоначалникот Герасимовски имаше распишано jавен повик за лични образовни асистенти кои ќе ги придружуваат учениците и ќе им помагаат во совладувањето на целиот наставен образовен процес“, рече Филипче.
Министерката уверува дека денеска се потпишуваат договори за продолжување на ангажманот на асистентите, затоа што претходниот договор, потпишан на една година им завршувал на 31 август.
„815 образовни асистенти денеска ги потпишуваат договорите и можат да почнат со работа, за оние 200 за кои немаше обезбедено средства, ние ги проектиравме дека ќе бидат потребни и ги обезбедивме со ребалансот. Денеска се објавуваат конкурсите. Конкурсот ќе трае пет дена, потоа следат уште две недели обука и тие после ќе можат да влезат во училиштата. Повторувам, родителите да не се вознемируваат. Вестите кои нашиот политички опонент се обидува да ги прошири се лажни“, рече Јаневска, која на првиот училиштен ден беше во посета на ОУ „Стив Наумов“ во општина Гази Баба.
Едносменската настава е неостварлива
Претходните денови, од МОН најавуваа дека учениците низ целата држава ќе посетуваат едносменска настава, но вистината е дека во одредени училишта и од основното и од средното образование нема услови сите деца одеднаш да се примат во училиште. Затоа, само 140 училишта низ целата држава ќе можат да организираат настава во една смена, додека другите како и до сега ќе одат во две смени.
Наставата почнува со физичко присуство, но дел од учениците ќе имаат онлајн настава, во неколку училишта, но останува непознато кои се тие, каде не е завршена на време реконструкција или набавка на опрема, како клупи и столчиња за учениците.
Владата ден предоцна ќе ги лимитира цените за школски прибор
Без разлика што веќе со години на учениците им се доделуваат бесплатни учебници, трошокот на родителите не се намалува, па освен некои општини кои даруваат ранци со или без прибор, некои обезбедуваат и униформи, трошокот за потребните материјали, тетратки, моливи и облека – паѓаат на грбот на родителите. Но, власта реши на утрешната седница да препорача мерка за лимитирање на цените на производите наменети за учениците. Ден предоцна, а како ќе се договорат со малопродажбата останува да видиме. Дотогаш дали учениците ќе смеат да одат со ланските недопишани тетратки или првачињата без ништо.
Годинава основците и средношколците нема да имаат ни пролетен распуст, кој беше воведен само лани. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.