Старее населението во светот, не е поинаку и во земјава
До 2030 година се очекува постарите лица да го надминат бројот на деца до 10 години (1.41 наспрема 1.35 милијарди), а до 2050 година ќе има повеќе лица постари од 60 години наспроти адолесценти и млади од 10 до 24 години, 2.1 милијарди наспроти 2.0 милијарди.
Стареењето на популацијата според експертите се должи на намалување на фертилитетот и подобрувањето на преживувањето, што ја карактеризира демографската транзиција што се случува во светски рамки. Секоја од 201-та земја во светот ќе има зголемување на населението постаро од 60 години во периодот до 2050 година.
Иако процесот на стареење е најзабележлив во Европа и Америка, каде што повеќе од едно од пет лица е над 60 години, во 2017 година податоците покажуваат дека населението старее и во другите региони, исто така. Во Европа до 2050 година се очекува 35 отсто од населението да биде составено од стари лица, во Северна Америка 28 отсто, 25 отсто во Јужна Америка и Кариби, 24 отсто во Азија, 23 отсто во Океанија и девет проценти во Африка.
Од Обединетите нации препорачуваат како што се зголемува просечната вораст на населението, владите да имлементираат политики за да можат да одговорат на потребите и интересите на постарите лица како домување, вработување, здравство, социјална заштита и други форми на меѓугенерациска солидарност.
Иако намалувањето на фертилитетот и зголемувањето на животниот век кај населението се сметаат за едни од најзначајните фактори за ваквиот тренд на стареење на населението на светско ниво, меѓународните миграции, според ОН, исто така придонесуваат за менување на возрасната структура на населението во одредени земји и региони. Во земјите што се соочуваат со големи мигрантски бранови, меѓународната миграција може да го забави процесот на стареење на населението, барем привремено, со оглед на тоа што најголем дел од мигрантите се во работоспособна возраст.
Ова е причина што одредени земји меѓународните миграции ги третираат како политика за одговор на старењето на населението. Според ОН, бројот на земји што ја зголемиле политиката на имиграција, односно дозволуваат населување на поголем број мигранти, се зголемил од осум во 1996 на 24 во 2015 година.
Дваесет од овие 24 земји го идентификувале стареењето на населението како една од најголемите грижи. Сепак, анализата на ОН покажала и дека миграциите сами по себе не се ефективна политика за одговор на процесот на стареење на населението.
Емигрирањето на млади работници, пак, од друга страна, според ОН, го забрзува процесот на старењето на населението во одредени земји, особено во земјите од Источна Европа. Зголемениот пристап на пазарот на трудот во земјите од ЕУ и економската криза од 2008 година предизвикуваат голем одлив на работоспособно население.
Како одговор на ова некои од земјите преземаат политики за намалување на ваквиот одлив на население и да охрабрат враќање на своето население.
Трендот на стареење на населението, кој е присутен во светски рамки, се забележува и во Република Северна Македонија. Во периодот од 1994 до 2015 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години е намалено од 20,2 осто на 16,7 отсто, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11,7 отсто на 12,8 отсто.
Како и во другите земји така и овде намалениот фертилитет е една од причините. Така, според податоците на ДЗС во 1994 година биле родени 31.421 бебе, а умреле 15.649 лица, со што природниот прираст изнесувал 15.772 лица. За разлика од ова 2017 година биле родени 21.754, а умреле 20.318. Природниот прираст оваа година изнесувал само 1.436.
Од илустрацијата на Државниот завод за статистика, објавена во публикацијата „25 години независна Македонија“, може да се види движењето на младото и старото население од 1994 до 2015 година, што упатува на тоа дека има постојано зголемување на бројот на стари лица, за разлика од трендот на постојано намалување на бројот на млади.
Во 1994 година стари над 65 години имало околу 160 илјади, а во 2015 околу 260 илјади. Бројот на млади до 14 години, пак, е во постојан пад. Во 1994 година бројот на млади е близу 500 илјади, а во 2015 околу 350 илјади.
Слични трендови можат да се видат и од илустрацијата на пирамидите на структура на населението од пописите спроведени во земјата.
Покрај намалениот фертилитет, како една од причините за стареењето на населението, односно менувањето на старосната структура во земјата, особено во земјите од Источна Европа, но и од Западниот Балкан е емигрирањето на младо работоспособно население во други европски земји во потрага по подобра и повеќе платена работа.
Иако во земјава постојано се зборува за заминување на голем број луѓе, особено млади, не постојат статистички податоци што би ја одразиле реалната слика на бројот на заминати.
Според податоците на Државниот завод за статистика во 2013 година од земјава заминале само 945 државјани, во 2014 година 839, во 2015 година 1.016, во 2016 година 630, а во 2017 година земјава ја напуштиле само 424 граѓани.
Овие податоци, како што често посочуваат претставници од Државниот заводот на статистика, ги опфаќаат само оние граѓани кои го пријавиле своето заминување во странство.
Бројките што укажуваат на процесот на старење на населението треба да бидат насока во која властите во земјава во наредниот период би требало да ги креираат своите политики, од тие за развивање услуги за поддршка на повозрасно население, како што препорачуваат од ОН, до развој на економијата, отворање нови и подобро платени работни места, зголемување на вработливоста на младите и давање еднакви можности за сите.
Фото: Б. Грданоски