Старбакс отпушта 1.100 вработени со намера да ги рационализира услугите

Старбакс, светски познат синџир на ресторани за кафе и кафулиња, отпушта 1.100 вработени, изјави синоќа во порака до вработените Брајан Никол, извршен директор на компанијата, јавија дел од американските медиуми.
Компанијата ја презема оваа мерка како дел од планот за реструктуризација со цел обнова на брендот, вклучително и побрзи услуги за клиентите во продавниците.
-Ова ја вклучува и тешката одлука да се укинат 1.100 актуелни работни места за подршка, како и неколку стотици дополнителни отворени и непополнети позиции, изјави Никол во пораката. „Правиме поедноставување на нашата структура, го намалуваме преслојувањето и дуплирањето, и создаваме помали, пофлексибилни тимови. Нашата цел е да работиме поефикасно, да ја зголемиме одговорноста, да ја намалиме комплексноста и да обезбедиме подобра интеграција. Сето тоа со намера да бидеме пофокусирани и да имаме поголемо влијание врз нашите приоритети.
Отпуштањата не ги засегаат оние кои работат во малопродажба во рестораните, како што се бармените и останатиот персонал, соопшти Старбакс. Известувања за тоа кој останува без работа се очекува да бидат испратени денеска.
Старбакс презема и други чекори за подобрување на перформансите на своите ресторани по серијата квартални падови на продажбата. Тоа вклучува и намалување на 30 отсто од своето мени за пијалаци и храна.