Станишев: БСП да не падне во замката на ГЕРБ
БСП да не падне во оваа замка и да не поддржува влада со мандат на ГЕРБ, повика европратеникот Сергеј Станишев.
-Со поддршка од 9% од гласачите, не можете а да не бидете резервната гума на десничарската влада. Веќе бевме во таква четиринасочна коалиција, видовме што се случи, додаде тој.
Сепак, Станишев даде позитивна оценка за Марија Габриел како еврокомесар.Коалицијата меѓу ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ е најприродна, тоа е најлегитимното решение, нивните програми се блиски, рече поранешниот претседател на ПЕС.
Како обид за усогласување на ставовите меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ, Станишев го дефинираше барањето за изземање на главниот обвинител Иван Гешев од Врховниот суд што вчера го поднесе Марија Габриел.
Станишев исто така оцени дека левицата, по дефиниција, не може да биде конзервативна.
-Целата наша историја е битка за промена на општеството кон прогресивен развој во интерес на мнозинството. Да беа нашите предци „конзервативни социјалисти“ немаше да се борат за осумчасовен работен ден, платени празници, пензии и пристојни услови за работа. И жените до ден-денес не би имале право на глас, а да не зборуваме да станат претприемачи, премиери, па дури и партиски лидери, изјави Станишев.
Според него, на Бугарија и требаат прогресивни левичарски политики, но БСП е на дното.
-БСП е на дното и ние сме должни да бараме точка за поддршка, платформа за оттурнување од оваа понижувачка состојба, која е штетна и за Бугарија. Во пресрет на усвојувањето на буџетот и кампањата за локални избори, сакаме да ја вратиме содржината на политичкиот разговор, додаде тој.
Тој смета дека на граѓаните премногу често им се нудат нуспроизводи или политички ГМО.
-Партиите избираат погодни теми за мобилизирање на тврдокорното гласачко тело, кои пречесто се димна завеса за неможноста да се најдат остварливи решенија за вистинските проблеми, рече Станишев. И даде примери за „плашилото“ еврозоната и „периодичната хистерија на тема родова идеологија и третиот пол“.
-Ова се погодни теми за хранење и разгорување на стравовите и прикривање на сопствената слабост. Додека општеството е окупирано со нив, светот е во невидена трансформација – политичка, енергетска, климатска, дигитална и во постојано исчекување на масовната инвазија на вештачката интелигенција во нашите животи, коментира европратеникот.
Тој повика на итен продлабочен разговор за сите овие гигантски предизвици и да се формира долгорочна национална политика, бидејќи во спротивно постои ризик Бугарија конечно да биде закована на периферијата на Европа, без перспектива за иднината.
-А тоа ќе зависи исто така од фактот која политичка перспектива ќе преовладува. Дали дигитализацијата ќе биде чисто пазарна – на сметка на работничките права или големиот капитал ќе биде принуден да ги следи елементарните правила за плаќање даноци и осигурување на работниците.Дали ќе ги заштитиме малите и средните производители од притисокот на мултинационалните корпорации? Ќе освои ли Бугарија достојно место во новите транспортни и енергетски коридори?-оцени Станишев.