„Стандард и Пурс“: Монетарната политика придонесува за забавување на инфлацијата, банкарскиот сектор стабилен


Денарот е стабилен, а девизните резерви се на соодветното ниво. Монетарната политика што ја води Народната банка, како и намалувањето на притисоците од увезените цени, придонесоа за забавување на инфлацијата, за која се очекува дека и понатаму ќе се намалува. Нефункционалните кредити во билансите на банките и натаму се на ниско ниво, додека адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор е солидна и стабилна, оценува агенцијата за кредитен Рејтинг „Стандард и пурс“ во најновиот извештај во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава.

Во извештајот се наведуваат очекувањата на Агенцијата за понатамошно одржување на стабилноста на девизниот курс, и покрај предизвиците од надворешното окружување. Воедно, истакнат е и растот на девизните резерви, коишто во јуни годинава изнесуваат 4,2 милијарди евра. Како фактори на растот се посочени и интервенциите на Народната банка на домашниот девизен пазар, како и користењето надворешни извори за финансирање на потребите на фискалната политика. Според очекувањата на „Стандард и Пурс“ девизните резерви и натаму се стабилни и ќе останат на потребното ниво.

– По достигнувањето на максимумот кон крајот на минатата година, инфлацијата постепено почна да забавува и во јуни се сведе на 9,3 проценти, наведува „Стандард и Пурс“. Се очекува дека овој тренд ќе продолжи, како резултат на намалувањето на увозните инфлациски притисоци и затегнувањето на монетарната политика од страна на Народната банка.

Во извештајот се увидуваат и тековните состојби во банкарскиот систем, со акцент на неговата сигурност и стабилност, што се согледува преку ниското ниво на нефункционалните кредити од само 2,8 проценти, како и солидната и стабилна стапка на адекватноста на капиталот на банките од 18 проценти. Воедно, се истакнуваат и мерките што Народната банка ги презеде заради поттикнување на штедењето во домашна валута и намалување на евроизацијата во финансискиот систем, преку промени на стапките на задолжителна резерва на банките.