„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава

Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики


Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ-со стабилен изглед. Стабилниот изглед, како што се наведува во извештајот на кредитната Агенција, ги рефлектира очекувањата дека силните изгледи за економски раст на нашата држава ќе ги поддржат напорите на Владата за буџетска консолидација и ќе овозможат стабилизирање на државниот долг на среден рок.

Од Агенцијата соопштија дека кредитниот рејтинг ББ-со стабилен изглед нашата држава го има од 2013 година во континуитет и е значајно дека и во текот на 2020 и 2021 година, кога земјата се соочуваше со влијанието од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата од Ковид 19, не е променет.

Агенцијата исто така нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики.

-Целта за пристапување на нашата држава кон ЕУ може да придонесе за зајакнување на институционалната рамка, а новите влади на Северна Македонија и Бугарија внесоа позитивна динамика во преговорите за пристапување кон ЕУ, се истакнува во извештајот на Агенцијата.

Според „Стандард и Пурс“ економијата на РС Македонија го достигна своето предпандемиско ниво. Двигатели на растот ќе останат силната приватна потрошувачка поддржана од приспособливата монетарна политика, растот на платите и приливот од дијаспората, како и инвестициите.

-Со планот за забрзан економски раст, зголемувањето на инвестициите е еден од клучните приоритети на Владата, а ќе се опфатат различни сектори, вклучително образование, транспорт, енергија, патна и здравствена инфраструктура. Значајни проекти се Коридорот VIII и Интерконекторниот гасовод Северна Македонија-Грција, се вели во извештајот.

Како што е наведено, и покрај контракцијата предизвикана од пандемијата извозот силно закрепна благодарение на големата надворешна побарувачка, особено од клучните трговски партнери во ЕУ.

Од Агенцијата посочуваат дека постепеното економско закрепнување и мерките на Владата помогнаа стапката на невработеност да се намали на 15,7 отсто во третиот квартал 2021 година од 16,5 проценти во истиот период претходната година.

Во однос на долгот, „Стандард и Пурс“ очекува истиот да се стабилизира на 56-57 проценти од БДП на среден рок. Буџетскиот дефицит се проценува дека изнесува 5,5 отсто од БДП во 2021 година, што е понизок од проектираниот од 6,5 отсто во Буџетот за 2021 година. Ова, како што соопштија од Агенцијата, се должи на повисокиот номинален раст на БДП, како и солидните перформанси на приходите.

-Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки, се наведува во соопштението на Агенцијата, посочуваат од македонското Министерство за финансии.

Oд Народната банка, пак, во соопштение се осврнуваат на делот од оцената на СиП за монетарната политика.

Курсот на денарот е стабилен, девизните резерви минатата година се зголемени, додека банкарскиот систем, исто така, е стабилен. Домашната побарувачка е главен фактор на економскиот раст, во услови кога курсот на монетарната политика сѐ уште е олабавен, заради обезбедување доволно простор за постојано економско закрепнување. Ова се накусо заклучоците за монетарниот дел на реномираната агенција за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во извештајот во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава ‒ „ББ-“, со стабилен изглед.

Нема промени во фиксниот курс на денарот, додека девизните резерви минатата година пораснаа за 8,4 отсто, се наведува во извештајот на агенцијата. Растот на девизните резерви, коишто достигнаа 3,6 милијарди евра во 2021 година, овозможува доволна девизна ликвидност за одржување на стабилноста на курсот на денарот. Од агенцијата забележуваат дека има и дополнителен заштитен механизам, односно дека Народната банка има можност за обезбедување дополнителна ликвидност во евра преку репо-линијата од 400 милиони евра, којашто Европската централна банка ѝ ја додели на Народната банка со можност на користење до март годинава. Досега, таа можност не е искористена, но може да се употреби при остварување екстерни ризици.

Придвижувањето на стапката на инфлацијата е резултат на надворешни фактори, како растот на цените на енергенсите и на храната, забележуваат во извештајот од „Стандард и Пурс“. Тие очекуваат стабилизирање на овие притисоци во 2022 година, како резултат на забавување на растот на цените на храната. Агенцијата за кредитен рејтинг очекува дека стапката на инфлација во земјава за годинава ќе изнесува 2,6%, за догодина 2% и за 2024 и 2025 година ‒ 1,8% и 1,5%, соодветно.

Банкарскиот сектор е стабилен, посочуваат од „Стандард и Пурс“. Адекватноста на капиталот е зголемена и изнесува 17,3 отсто, додека нивото на нефункционалните кредити изнесува 3,6 проценти.