Стадионот во Битола добива нов модерен лик по УЕФА стандарди


Во овој момент завршени се 50 отсто од работите за реновирање на стадионот

Битолачани веруваат дека модернизираниот стадион ќе го зголеми интересот за спортот, особено кај младите луѓе. Проектот за реновирање на стадионот чини 5,5 милиони евра

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Битола  е град на фудбалот, а битолчани од недела до недела живеат за фудбалот чекајќи ги натпреварите на стадионот под Тумбе Кафе. Без оглед дали ФК Пелистер игра со Вардар, Победа или Брегалница, фудбалерите на битолскиот тим имаат безрезервна поддршка од битолчани. Она што спортската јавност во Битола со децении го посакуваше е нов стадион под Тумбе Кафе.

Северната трибина од стадионот интензивно се гради и го добива новиот лик. Наскоро стадионот ќе добие комплетно опремена трибина за 4.500 гледачи, со соблекувални, со прес-канцеларии, свечена ложа и сите пропратни елементи. Или вкупно, стадионот ќе има капацитет од 12.300 столчиња.

„Армирачко–бетонските работи за кои временски е потребно најдолг период на изведба се во завршна фаза и остануваат уште неколку елементи од монтажните трибини. Во овој момент реализацијата на проектот е над 50 отсто. Ѕидарските работи по сите нивоа се завршени 100 проценти. Над 50 отсто е реализацијата на системите за греење, ладење и вентилација. Се работи и делот со столаријата. Отпочнати се активности за изградба на челичната кровна конструкција. Реализацијата се одвива со значително зголемена динамика“, велат од Општина Битола.

Министерството за транспорт и врски го распиша тендерот за градежните работи со со кој ќе се покрие еден дел на каналот кој врви низ поранешната касарна. А друг дел, кој поминува покрај Градскиот стадион, ќе се премести. Со тоа се отвора можност за поврзување на улицата која води низ касарната со улицата „Крушевска Република“ покрај Градскиот стадион. Битола ќе добие нова градска артерија и растоварување на градскиот сообраќај. Ако сѐ се одвива во ред, средината на септември е рокот кога би се почнало со реконструкцијата.

На стадионот во Битола се игра не само машки ами и женски фудбал. На зелениот килим покрај градежните работи ова лето, се игра и тренира, а секој ден е преполно со тимови на млади фудбалери. ФК Пелистер полека, но сигурно се враќа на старите патеки. Оваа година ќе биде конкурент во Првата лига каде се враќа по две години пауза и огромната финансиска дупка наследена од поранешната управа.

„Новата трибина на стадионот во Битола ќе значи подобри услови за работа за сениорската екипа на  ФК Пелистер, и за домашните и за гостинските екипи. Трибината се гради според УЕФА стандарди со соблекувални, фитнес сали, допинг сала, она што досега го имавме со просечни услови или воопшто го немавме. Подобрените услови ќе значат враќање на гледачите на трибините“, вели Пеце Коруновски, директор на ФК Пелистер.

Во моментов во Битола само во младинските категории на ФК Пелистер членуваат до 350 деца од 5 до 18 години. А во останатите пет фудбалски школи уште 200 до 250 младинци тренираат фудбал.

Она што на градот му е потребно покрај трибината е нова инфраструктура, нови зелени терени.

„Проблемите со кои се соочуваме се од организациски карактер од одржување во и околу стадионот, заштитата на помошното игралиште, ни недостигаат еден до два терени за подобра работа. Ние имаме само еден терен со вештачка трева, а ни требаат два до три, па макар да се и по пола терен“, вели Коруновски.

Новата северна трибина на стадионот започна да се гради пред четири години, за време на бившата власт, но товарат да се изгради падна на новата локална власт.

Проектот е изработен во февруари 2016 година, од фирмата „Мегарон“ од Скопје.

На почетокот на 2016 г. општина Битола отпочна постапка за јавна набавка за избор на најповолен понудувач за изведба. На аукцијата избран е „Гранит“. Вредноста на основниот договор изнесува 331 милион денари или околу 5,5 милиони евра.

Градежните работи започнаа во октомври 2016 година, за време на мандатот на градоначалникот Владимир Талески. Но од она што се сработи на терен ексградоначалникот исплатил  150 илјади евра што е само три отсто од вкупната вредност на стадионот. Новата општинска структура и градоначалничката Наташа Петровска ги стави во поголема брзина сите градежни активности. Досега се исплатени 1,75 милиони евра за реализирани градежни активности.

Спортската јавност во Битола веќе неколку години јавно ги повикува надлежните стадионот да биде преименуван по репрезентативецот Петар Милошевски, еден од најдобрите голмани што го имала Македонија, кој прерано го загуби животот во сообраќајна несреќа.