ССНМ и ЗНМ ги осудија заканите кон Героски, бараат реакција од институциите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудуваат заканите што вчера биле упатени кон главниот уредник на „Плусинфо“, Бранко Героски.
– Според информациите кои јавно ги објави Героски, извесен Борче Гиноски на социјалната мрежа му упатил директна закана со зборовите „Гледај да не те бањаат во Вардар“. Според главниот уредник овие закани се обид тој да биде замолчен, односно да прекине со серијалот текстови поврзани со наводна рекетарка група поврзана со владеачката партија, велат од двете здруженија.
Ваквите закани, според ССНМ и ЗНМ, претставуваат директен напад на слободата на изразување и слободата на медиумите. Тие ги повикаа надлежните државни институции да ги преземат сите мерки што им стојат на располагање за откривање на заканувачот и негово казнување со цел да бидат обесхрабрени сите кои во иднина ќе се обидат да закануваат и заплашуваат новинари и медиумски работници.
– За да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи тоа е само рецепт за создавање атмосфера на самоцензура. Овие закани кои претставуваат напад врз слободата на известување и слободата на медиумите ќе бидат пријавени до сите меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на говорот и изразувањето, се наведува во соопштението.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими новинарот Бранко Героски, по заканувачката порака што ја добил.
Осудувајќи секаков вид закани упатени до медиумите, претседателот Пендаровски, соопшти неговиот кабинет, порачал дека новинарите треба да ги уживаат сите права и слободи за да можат професионално и без притисоци да работат.
Пендаровски истакнал дека како и досега, ќе се залага за заштита на достоинството и интегритетот на новинарската професија и професионалните медиуми секогаш ќе ја имаат неговата поддршка.