ССМ: На првото рочиште по тужбата против Владата, не се појавија премиерот или министрите
Во Основниот граѓански суд во Скопје денеска се одржа првото рочиште по тужбата на Сојузот на синдикати на Македонија против Владата. Од ССМ изразија жалење што на првото рочиште не се појавил ниту еден претставник од Владата.
– Сојузот на синдикатите на Македонија на денешната расправа ги претставуваше и застапуваше работниците на највисоко ниво преку Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Секретарот на Советот на ССМ Златко Цветковски, Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски, Претседателот на СГИП Иван Пешевски и др., а за жал, ниту еден претставник на Владата, ниту премиерот ниту било кој министер кои примаат плата токму од даноците на работниците не се одважија, не се охрабрија и не се појавија на денешното рочиште да објаснат што имаат против платите на работниците и против работниците, туку како овластен застапник испратија помлад соработник од Правобранителство (без уредно полномошно ) кој за жал е со плата од 22.000 денари и на кој не му е усогласена платата со порастот на минималната плата и кој е подеднакво дискриминиран како и другите негови колешки и колеги од јавниот сектор, а треба да ја брани Владата токму за дискриминацијата која ја први Владата кон него и кон сите вработени во јавен сектор, се наведува во соопштението од ССМ.
Тужбата е поднесена согласно член 35 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Според Синдикатот, за околу 138.000 работници во јавниот сектор, различно е постапувано при уредување и исплата на платите за работни места за кои е потребно ист вид и степен на образование, исто работно искуство, ист обем и услови за вршење на работните задачи и со тоа е нарушен принципот содржан во меѓународните документи дека за работа од еднаква вредност и еднакви работни задачи треба да се добие еднаква плата.
– Со постапување односно не постапувањето на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија се дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор односно со постапувањето на тужениот Владата се дискриминирани поголем број лица работници со што Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот со тоа што не ги усогласува платите на вработените, а онаму каде што го прави тоа го прави без никакви објективни услови и критериуми по лични желби на одредени министри, се вели во соопштението.
Од ССМ посочуваат дека при усогласување и зголемување на платите исто така е направена дискриминација така што државен советник во едно министерство ќе добие усогласување со минималната плата и зголемување на платата за 30 проценти наспроти негов колега кој на истото работно место во друго министерство нема да добие усогласување со минималната плата и зголемување на платата.
– Министрите и Владата продолжуваат и денес да создаваат социјална анархија и правна несигурност носејќи и укинувајќи закони кога сакаат и како сакаат, сами одлучуваат дали да ги спроведуваат и дали да не ги спроведуваат, наместо да усогласуваат пониски права со повисоки права на работниците тие намалуваат поповолни права на понеповолни права и притоа свесно вршат кривични дела, за што ќе поднесеме и кривични пријави, нагласува ССМ.