ССМ и СГИП реагираат на одлуката на Уставен за Договорот со „Бехтел и Енка“


Фото: Б. Грданоски

Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија реагираат на одлуката на Уставен суд да не поведе постапка за оценување на уставност на три члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи поврзани со работните часови, а во врска со Договорот со „Бехтел и Енка“.

– Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија и целокупното работничко движење во Македонија се крајно разочарани и револтирани после информациите дека Уставниот суд не повел постапка за утврдување на Уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој се дозволи да се работи 72 часовна работна недела или со кој се дозволи работниците во Македонија да работат 12 часа дневно, или 32 часа подолго од полното неделно работно време од 40 часови, стои во нивното соопштение.

Оттаму велат дека работниците во Македонија, најостро го осудуваат денешниот чин со кој, според нив, се забетонирале работничките права, особено правото на пристојно работно време и достоинствената работа.

– Но очигледно дека во Македонија одамна нема достоинство и пристојност, а владеењето на правото е исклучиво право на бизнисот и богатите наспроти работниците и сиромашните. Денешната Одлука на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат Македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската унија во 2024 година, дополнуваат тие.

Одлуката следува по предметот кој беше оформен по иницијативите на политичката партија Левица, Хелсиншки комитет за човекови права, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, а во врска работните часови поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“.

Како што информираше на денешната прес-конференција, портпаролката на Уставен, Христина Беловска, не се прифатени наводите во иницијативите на подносителите, бидејќи, како што рече, Судот не најде неуставност во одредбите, кои, меѓу другото, уредуваат и прекувремената работа за проекти од стратешко национално значење.

За потсетување, со оспорениот член 117-а е предвидено дека по исклучок за работа на проекти од стратешко национално значење, а поради потребата од контитуниет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна писмена согласност на работникот.

Според Уставниот суд неосновани се наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа. Таа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор во согласност со членовите 133 и 134 од Законот за работните односи. Токму овие членови го регулираат правото на дневен одмор, односно правото на работникот да има дневен одмор од 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена и правото на работникот на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато.

Во однос на писмената согласност од страна на работникот. Членот 32 став 4 од Уставот предвидува дека секој има право на платен дневен неделен и годишен одмор и дека од тие права вработените не можат да се откажат. Токму формулацијата на оспорената законска одредба дека „ниту еден работник не може да биде распореден да работи прекувремена работа без негова согласност” според Судот упатува дека прекувремените работни часови се негов избор, а не обврска.

Писмената согласност претставува дополнителна заштита на работникот дека не може да му биде наложена прекувремена работа спротивно на неговата волја и над законскиот лимит. Во овој контекст Судот ја земаш предвид и Европската социјална повелба на Советот на Европа од 1961 година која ги гарантира социјалните и економски човекови права, и којашто во Македонија се применува од 2005 година. Според таа Повелба признато е правото на правична заработувачка, но и правото на зголемена заработувачка на работниците за прекувремена работа, со исклучок на некои посебни случаи.

Уставниот суд оцени дека оспорениот член 1 не е во спротивност со членот 32 од Уставот според кој правата на вработените се остваруваат со закон и колективен договор, односно Судот оцени дека во конкретниот случај не постои загрозување на правата од работен однос, затоа што тој член не се однесува на правото на работникот на плата.

Во однос на наводите за евентуално нарушување безбедноста и здравјето при работа на работниците, Уставниот суд нема надлежност да се впушта во расправа за претпоставени прашања, земајќи го предвид фактот дека тие односи меѓу работникот и работодавачот се уредени со договри за работа, а должност е на Државниот инспекторат за труд да проверува дали тие права и обврски се почитуваат.

Согласно член 117 став 6, работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор за труд што претставува посебна заштита на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење.