ССК: Супермаркетите работат со ниски профити, добавувачите го диктираат ценовниот пазар
Потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците. Да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста.
Како што информира денеска Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), ова се дел од донесените заклучоците од направената анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира и од одржаниот состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери.
На состанокот, како што се наведува, беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локалните клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година.
– Бројките од анализата покажаа дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи, се вели во соопштението.
На прашањето кој ги контролира цените, одговорот може да се види во профитната маржа. Супермаркетите работат со просечна профитна маржа од само 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто. Некои добавувачи имаат профитни маржи
над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто.
Анализата покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите. Супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените, иако заработуваат значително помалку по производ од добавувачите. На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8 отсто од вкупниот приход на производителите, но 21,3 отсто од нивниот вкупен профит.
– Ова покажува дека високо профитабилните компании со мал број вработени имаат значително поголема моќ врз пазарот отколку супермаркетите. Супермаркетите вработуваат значително повеќе луѓе отколку производителите, што ја покажува нивната важност за економијата, стои во соопштението.
Супермаркетите, како што се наведува, се важен фактор за вработеноста во државата, додека производителите генерираат високи профити со значително помалку работници.
– Дури и најпрофитабилниот супермаркет не е ни блиску до профитабилноста на водечките производители. Некои супермаркети дури и работат со загуба. Маркетите никогаш не ги зголемуваат цените самостојно, промена на цените се случува поради промените на цените на производителите или добавувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостаток на производи, се вели во соопштението.
Само во јануари до маркетите пристигнале ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Дополнително, профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, за разлика од другата страна каде се зголемува.
– Во исто време, меѓународните добавувачи одржуваат значително поголем профит од супермаркетите. Тие вршат силно влијание врз пазарните цени, ограничувајќи ја способноста на домашните трговци на мало да ги приспособат цените надолу. Бројките ја покажуваат вистината, супермаркетите не се причината за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, добавувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи без да ги намалат цените. Сојузот на стопански комори на Македонија бара транспарентност и фер одредување на цените низ целиот синџир на снабдување, па затоа повикуваме на поголема транспарентност, затоа што време е да се адресира вистинската причина за високите цени и секој во процесот треба да има одговорност, се наведува во соопштението од ССК.