Српските овоштари очајни поради откупната цена на малините


Незадоволни од откупната цена, одгледувачите на малини се собраа на протест во Ариље за да апелираат до сопствениците на ладилници да ја зголемат откупната цена на минималните 300 динари.

– Во моментов ни плаќаат од 200 до 250 динари за килограм, а тоа не е доволно ниту за покривање на производствените трошоци. Вложивме многу во прихрана, одржување на насадите, а кога ги исплаќаме работниците веќе сме во дебел минус – изјавија за РИНА одгледувачите на малини.

Министерката за земјоделство Јелена Танасковиќ веќе неколкупати се сретнала со одгледувачите на малини и им ветила дека во најбрз можен рок ќе најде адекватно решение за нивниот проблем. Според зборовите на производителите на малини, министерката секојдневно води преговори за на крајот на бербата да бидат задоволни и малините и сопствениците на ладилниците.

– Досега видовме напредок само во тоа што почнаа да ги средуваат патиштата до малинарниците, кои беа уништени од невремето на почетокот на бербата. И тоа ни значи, но ако не заработиме пари од малините, тогаш џабе ни е патот. Нашето барање е откупната цена да биде барем 300 динари за килограм, за барем да си го вратиме вложеното. Минимум од минимумот – додаваат производителите.

Српското Министерство за земјоделство обезбеди 50 милиони динари за санација на уништените патишта на територијата на општина Ивањица., пренесува Agrotv.