Српскиот шеф на дипломатијата во посета на Софија, го прашаа и за досиејата на УДБА


Никола Селаковиќ и Бојко Борисов

Големите инфраструктурни проекти меѓу Софија и Белград беа главна тема на разговорите на српскиот шеф на дипломатијата Никола Селаковиќ на Бугарија, каде тој замина на покана на неговата колешка Екатерина Захариева. Посетата, според, српските и бугарските медиуми, поминала во атмосфера на разбирање, а Захариева нагласила дека бугарското малцинство во Србија било мост за разбирање меѓу двете земји.

Селаковиќ освен со Захариева разговараше и со премиерот Бојко Борисов и претседателот Румен Радев. Централниот дел од разговорите била доизградбата на автопатот Софија-Белград (треба да биде готов до крајот на годината) и изградбата на интерконекторот меѓу двете земји за гасоводот „Турски поток“.

Новинарот на БГНЕС го запраша Селаковиќ зошто Србија како последна комунистичка држава не ги отворала досиејата на УДБА  во кои било забележано дека „тајната служба на диктаторот Тито е одговорна за масакрот на илјадници невини Бугари“, Селаковиќ одговори дека „не знае дали сме ние последна европска земја или не. Ние не се плашиме од ништо, бидејќи помина долго време. Не знам што добро би донесло отворањето на овие досиеја“, рече српскиот шеф на дипломатијата.

Тој исто така ги отфрли наводите дека во Бугарија постоел „антибугарски говор“, одговорајќи повторно на прашање на БГНЕС за изјавите на Ивица Дачиќ, кој беше министер за надворешни работи, а сега е спикер на Собранието.

Захариева му потврдила на Селаковиќ дека Бугарија секогаш ќе ја поддржува Србија на европскиот пат. (Н.В.)