Српскиот патријарх Иринеј хоспитализиран во Белград поради корона, беше на погребот на митрополитот Амфилохиј


Патријархот на Српската православна црква е хоспитализиран во специјална КОВИД болница во Белград, поради зараза со корона вирус. Тој е во добра состојба и нема никакви симптоми, јавуваат медиумите во Србија

Патријархот Иринеј од Србија е заразен со корона вирус и бил примен во специјална болница во Белград, објави Српската православна црква, пренесува Блиц.

„Како дел од редовната постапка за тестирање и по епидемиолошка проценка, беше извршен PCR-тест на САРС КОВ2, кој потврди дека Патријархот Иринеј е позитивен без симптоми и во одлична општа состојба“, се вели во соопштението при што се додава дека е хоспитализиран во КОВИД болница во Белград.

Во неделата, патријархот Иринеј беше на погребот на митрополитот Амфилохиј во Подгорица, а повеќето луѓе на литургијата беа без маска. Митрополитот почина на 30 октомври откако неговото веќе нарушено здравје беше влошено од инфекција со корона вирус, а до погребот во неделата, илјадници луѓе поминаа покрај неговиот отворен ковчег, и многумина го бакнуваа.