Српскиот актер Лазар Ристовски во Скопје: Во глумата ме интересира процесот, а не црвените килими
Понекогаш помислувам дека глумата ми е само работа од која лесно се заработуваат пари, а всушност е макотрпна работа, како и секоја, ако ја работиш професионално, изјави денес на пресот во Скопје, контраверзниот српски актер со интернационална кариера

-Она што ме возбудува во оваа работа е процесот. Таму се наоѓам, ја кршам глумата преку колена, играм и правам сè за да не ми здодее. После тоа, она што се нарекуваат црвени килими, рецензии, фестивали, навистина малку ме интересира. Понекогаш помислувам дека глумата ми е само работа од која лесно се заработуваат пари, а всушност е макотрпна работа, како и секоја, ако ја работиш професионално, изјави денес на пресот во Скопје, контраверзниот српски актер со интернационална кариера, Лазар Ристовски (72), годинашен добитник на наградата „Мето Јовановски“ на 4. издание на на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ што ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран.
Тој е еден од најдобрите српски актери, играл во над 80 филмови и повеќе од 4.000 театарски претстави, познат по своите значајни улоги во театарот како и во филмовите „Игмански Марш“ (1983), „Оригинал на фалсификатот“ (1991), „Тито и јас“ (1992), „Подземје“ (1995), „Балкански правила“ (1997), „Буре барут“ (1998), „Бело одело“ (1999), „Пад во рајот“ (2004)… Глумел и во два холивудска филма, со Пирс Броснан и Мајкл Мадсен, кој неодамна почина. Покрај глумата, тој е и продуцент, режисер, како и писател на неколку книги.
Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“ (1985), а другиот е „Збогум на дваесеттиот век“ (1998), но игра и една од позначајните рољи во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски.Роден е во Војводина, во Србија, но има македонско потекло, по татко, кој е по потекло од Мариово.
Јани Бојаџи, директор на Фестивалот на балканскиот и медитеранскиот филм „Преку езерото“, денес, на средбата со новинарите нагласи дека Лазар Ристовски е еден од оние актери кои се нарекуваат вистински амбасадори на балканскиот и медитеранскиот филм во неговата апсолутна форма и содржина.
-Прво, дозволете ми да ја изразам мојата благодарност за наградата и моето посебно почитување кон ликот и делото на мојот колега Мето Јовановски. Голема чест ми е што сум добитник на оваа награда. За жал, никогаш не глумев со Мето во ист проект, ама се дружевме и се среќававме по фестивали“. Почестен сум и среќен што сум во Македонија на овој мошне интересен и оригинално конципиран фестивал „Преку езерото“, истакна денес, Ристовски, кој прв пат во кариерата ќе одржи и мастерклас на фестивалот.
За наградите вели дека се убава работа, но не треба да бидат цел.
„Тие се последица, а не мотивација. Ако им дадете премногу значење, можат да ве заробат во суета и желба да го повторите она што веќе донесе признание. За мене, наградите се повеќе потврда дека сум на вистинскиот пат. Мојот актерски пристап, сепак, останува ист: секој нов лик е нов свет што треба да се открие, нова вистина да се изговори. Без предрасуди, без самозадоволство.
На новинарско прашање, како ги разделува улогите како актер, режисер и продуцент, тој рече:
„Во одреден момент, човекот чувствува дека повеќе не сака само да биде туѓа визија – туку да создава своја. Како режисер и продуцент, јас одлучувам за тонот, ритамот, пораката. Тоа е голема одговорност, но и голема слобода. Таа слобода може да биде застрашувачка, но во исто време и ослободувачка. Понекогаш мора да го преминеш прагот, бидејќи повеќе немаш трпение да чекаш некој друг да каже „одиме“.„Бело одело“ е филмот со кој бев на Канскиот филмски фестивал. Тоа беше моја голема победа над себеси. Бев храбар и слободен во тој момент.„Бело одело“ беше мојот сон. Да напишам, глумам, режирам и продуцирам филм што го носи мојот личен печат. Тој лик, човек кој верува дека оделото ќе му го промени животот, е симбол на нашето постојано стремење кон нешто повисоко, поубаво, подобро. Имаше многу од мене во тој филм – и како уметник и како личност.
Моментално работи на режирање трет филм, откако добил средства од Филмскиот центар на Србија, насловен „Рибарот и балерината“, кој се базира на една приказна од неговата книга куси раскази, „Едноставни приказни“, која е преведена и на македонски јазик.
Имал повеќе понуди за Холивуд, меѓу нив и „Миротворец“ , кој ги одбивал, зашто биле шаблонизирани.
„Заради нашето потекло, секогаш глумевме терористи и негативци, ретко други улоги, што не ми се допадна, за разлика од филмовите што ги снимав во Италија, каде добивате квалитетни улоги. Nема разлика во работата дали глумите во филмови од овој регион или на Запад, разлика има во хонорарите, рече денес Ристовски, кој беше искрен дека како никогаш не го занимале ниту професурата, а сега со годините, ниту снимање на филмови, зашто не гледа некој голем предизвик во улогите што се нудат.
Иако, како што вели, никогаш не бил член на политичка партија во Србија, тој во 2022 година заплива во политички води како член на Националното собрание , само осум дена, по што дава оставка, и денес, на јавните настапи, не крие дека ја поддржува политиката на Вучиќ.
Лани, по 50 години членство, тој поднесе оставка од Здружението на драмски уметници на Србија (ЗДУС), наведувајќи дека оваа организација се ставила во служба на едноумието и ја загрозува слободата на изразување.
Како човек, кој во детството и во младоста, како што кажа денес на пресот, „никогаш целосно не им верувал на професорите, секогаш наоѓал некое поинакво мислење, секогаш бил критичен и често поради тоа го бркале од часовите“, на новинарско прашање, за студентските протести во Србија, тој кажа дека Србија е под влијание на надворешни фактори кои сакаат да и застанат на патот на прогресот, преку „платените невладини организации“.
Л. Сабит