Српски Ананас стана сопственик на сајтовите Групер и ПаоПао во Македонија


Маркетплејс платформата за онлајн продажба, Ананас.рс (Ananas.rs), со седиште во Србија, од „Пејтен“ (Payten) откупи 100 отсто од сопствеништвото на компанијата ВЕБСПОТ со што стана сопственик на македонските брендови за онлајн купување Групер.мк (Grouper.mk) и ПаоПао.мк (PaoPao.mk), соопшти компанијата.

На македонскиот пазар Групер е познат по бизнисот за продажба на купони за услуги, додека неодамна лансираниот сајт ПаоПао претставува пазарна платформа за онлајн купување на производи.

Аквизицијата на Групер како водечки сајт за е-трговија на македонскиот пазар со речиси  300.000 корисници и 3.000 трговци, претставува прв чекор на Ананас кон регионално ширење, посочуваат од компанијата.

„Оваа аквизиција ќе му овозможи на Ананас брз влез на македонскиот пазар како и воведување на нивните иновации и нови концепти“, се вели во соопштението до медиумите.

Инаку, пазарната платформа Ананас е дел од корпорацијата Делта Холдинг со седиште во Белград.

Првите продажби на платформата беа извршени летото 2021, а денес Ананас на купувачите им нуди повеќе од 150.000 различни производи, по пат на разгранета мрежа со преку 200 партнери. За помалку од една година Ananas.rs го имаат посетено повеќе од милион купувачи.

Со лансирањето на Ананас, компанијата Делта Холдинг ја најави својата амбиција да создаде регионален гигант во онлајн трговијата и подготвеност во овој проект да вложи околу 100 милиони евра во првите 5 години.

„Пазарот во Македонија, купувачите, но и онлајн продавачите, со оваа аквизиција добиваат
сигурен, лојален и долгорочен партнер, подготвен да инвестира во развојот на овој бизнис, но и во развојот на целиот македонски екосистем на е-трговија. Имаме план да го понудиме најголемиот marketplace во оваа земја со широк асортиман на производи, сигурна и брза испорака, безбедно плаќање и многу иновативни решенија кои до сега ги има само на развиените пазари“, изјави Марко Царевиќ, главниот извршен директор (CEO) на Ананас.

На почетокот на нивниот бизнис, од Ананас најавија дека српскиот пазар е само почетна точка и
дека амбицијата на акционерите и самата компанија е овој marketplace да се појави и на
останатите пазари во регионот на Западен Балкан.

„Со репутацијата и силата на Делта Холдинг зад нас, но и со иновативниот бизнис модел
што го донесе не само Ананас туку и неговите глобални партнери како што се Boston Consulting Group, HTEC и други, уверени сме дека ќе овозможиме ново шопинг искуство за купувачите од целиот регион, а на продавачите доверлив партнер и место каде што ќе можат да ги спроведат и најамбициозните бизнис планови“, вели Царевиќ.