Српската полиција приведе на граница советник на Харадинај
Партијата на косовските Срби, Српска либерална партија (СЛС) соопшти денеска дека на граничниот премин Бела Земја српската полиција го запрела Срѓан Јовановиќ, член на оваа партија и советник на косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
СЛС соопшти дека српската полиција го привела Јовановиќ на излегување од Косово за Србија, со образложение дека има налог да го запре затоа што „некој сака да разговара со него“.
Приведувањето се случило околу 13 часот и засега нема информации за ослободување на Јовановиќ, кој се упатил во Србија во приватна посета во градот Врање.
Ова не е првпат на границата меѓу Косово и Србија, на српска страна да се запираат и приведуваат на „информативен разговор“ членови и функционери на СЛС, напоменува партијата.
– Потсетуваме дека во изминатите месеци (на граничниот премин) во Мердаре беа запрени и испрашувани од полицијата на Србија претседателот Слободан Петровиќ и членовите Бобан Станковиќ, Небојша Јаковљевиќ и Среќко Спасиќ, се вели во соопштението на СЛС.
Оваа партија вели дека не ги разбира „приведувањата и малтретирањата“ на нејзините членови и „по петти пат бара одговор и објаснувања од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и шефот на Безбедносната информативна агенција (БИА) зошто високи претставници на оваа полтиичка партија се задржуваат во полициските простории на премините кон Србија“.
– Исто така по петти пат очекуваме конкретна реакција од страна на Европската унија и на сите домашни и меѓународни институции по повод овие малтретирања што им се вршат на припадниците на СЛС, се вели во соопштението.
СЛС е политички опонент на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, која е јавно поддржана од официјален Белград.
Српската листа има 10 пратеници во косовското Собрание, а откако Владата во Приштина ја воведе таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, објави дека ќе дејствува како опозиција. Меѓутоа нејзините министри и заменици минисгри продолжуваат да ги држат местата во кабинетот на Харадинај.