Српската опозиција бара нов уреднички тим на РТС и на РТВ


На протестот „Сите како еден – Еден од пет милиони“ во Белград  прочитани се барањата за формирање на заедничка комисија на владата и опозицијата за дефинирање на фер изборни услови. Во нив се вклучени изборот на нов состав на Регулаторната комисија за електронски медиуми (РЕМ) и избор на технички и уреднички тим на Радио Телевизија  Србија и на Радио Телевизија Војводина.

Се наведува дека составот на РЕМ мора да биде „на еднаква основа” според бројот на претставници на власта и опозицијата.

„Услов е и избор на техничко водство и уреднички колегиум на информативната програма на РТС и РТВ, кои во преодниот период би ги сочинувале непартиски личности делегирани од власта и опозиција”, велат од опозицијата.

Прочитано беше дека преставниците на протестите се подготвени да разговараат со властите и дека наредните денови ќе делегираат претставници за сите три предложени работни групи.

Откако се прочитаа барањата демонстрантите тргнаа во прошетка од Собранието кон зградата на Владата.

Просторот пред српското Собрание беше потполно исполнет – од фонтаната на плоштадот Никола Пашиќ до главната пошта. Дел од српските медиуми пренесуваат дека се собрале неколку десетици илјади граѓани од сите краеви на Србија, иако полицијата официјално информираше дека наводно имало само осум илјади.

Лидерот на движењето Слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ, пред да се обрати пред присутните снимаше со својот телфон колку луѓе дошле на протестот и порача иронично дека полицијата ја поздравуваат осум илјади.

„Сите перфидно и безобразно дојдовте во зимски јакни, срамота“, рече тој, алудирајќи на поранешна изјава на претседателот Александар Вучиќ дека поради јакните изгледа дека има повеќе демонстранти.

„Доста веќе со таа навивачка филозофија, целата држава ја подели на слуги и оние кои не ги поднесуваш, бидејќи имаат став, тоа е окупаторска логика“, му порача на Вучиќ, Трифуновиќ, ветувајќи дека ќе се бори за скапиот збор кој се вика – лустрација.

„Нема веќе компромиси, бидејќи тие компромиси не доведоа до тука, нема повеќе Расим Лјајиќ, Чеда Јовановиќ, Ивица Дачиќ, Ненад Чанак“, нагласи тој, порачувајќи им на присутните да не очекуваат резултати денес или утре.

„Нека биде и по една година или две, ние создаваме систем и поставуваме темел за слободно општество“, рече тој.

Новинарот Срѓан Шкоро рече дека Србија е првата земја во светот во која власта најавува штрајк со глад да ја смени опозицијата. „Па каде го има тоа“, рече Шкоро, алудирајќи на најавите на министерот за одбрана Вулин, дека ќе отпочне штрајк со глад како резултат на нездоволството од тоа што го прави опозицијата.

Професорот на факултетот за политички науки Чедомир Чупиќ го обвини Вучиќ дека ја узурпирал власта во државата и владеењето на правото го претворил во лично самоволие. „Во своите раце ја зеде извршната и законодавната валст. Тргна да ја покори и освои судската власт, која секогаш треба да биде независна“, рече Чупиќ.

Бившиот судија на врховниот суд Зоран Ивошевиќ, исто така, му порача дека сета власт ја подредил на својата волја.

Пратениците на власта, пак, деноноќно не го напуштаат Собранието. Велат дека го бранат законодавниот дом од оние кои загубиле на сите избори и кои, како што нагласуваат, со насилство, рушење и фашизам сакаат да дојдат на власт. Пратеникот на Срспката напредна странка Александар Мартиновиќ денеска изјави дека ќе продолжи да го чува храмот на демократијата од лидерите на опозицијата Ѓилас, Јеремиќ и Обрадовиќ, кои за српската власт се тајкуни и фашисти.