Српската армија го враќа задолжителниот воен рок – не се подготвуваме за војна!


Генералштабот на српските вооружени сили покрена иницијативата и му предложи на претседателот Александар Вучиќ повторно да се воведе обврска за служење на воениот рок, во времетраење до четири месеци, соопштија од Министерството за одбрана.

Како што се наведува во соопштението, тоа е направено со цел да се зголемат одбранбените способности на вооружените сили на Србија, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активните и резервните сили.

„Предлогот на Генералштабот на српските вооружени сили доаѓа по детално разгледување на општата безбедносна ситуација и современите предизвици со кои се соочува Република Србија како воено неутрална земја, што наметна потреба од прилагодување на моделот на регрутирање на српската Вооружени сили, со што би се овозможило зајакнување на севкупниот регрутен потенцијал и обука на поголем број граѓани за одбрана на нашата држава“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството за одбрана.

Вучевиќ: Не се подготвуваме за војна

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека иницијативата за повторно активирање на задолжителната воена служба не е покрената со цел Србија да се подготви за војни и конфликти, туку дека тоа ќе биде од корист за општеството, но и за поединците кои ќе служат воен рок.

„Сметаме дека ова е нешто што е корисно за целата земја, за целото општество, а ќе имаат корист и оние момчиња кои утре ќе служат воен рок. Тие ќе се чувствуваат подобро и ќе бидат покорисни членови на општеството, на целата заедница и гордоста на целата татковина и нивните семејства“, рече Вучевиќ во изјава за медиумите во врска со иницијативата на Генералштабот на српските вооружени сили и предлогот до претседателот на Републиката и врховен командант Александар Вучиќ повторно да се воведе задолжителен воен рок.

Вучевиќ додаде дека било предложено воениот рок да трае четири месеци.