Средношколките од Крива Паланка државни прваци во кошарка

Средношколскиот кошаркарски тим на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка предводен од професорите по спорт и спортски активности, Ведран Белешковски и Виктор Петровски, денес се закити со титулата државен првак на Државното првенство во кошарка за средни училишта, чијшто домаќин беше општинскиот сојуз на училишен спорт на Крива Паланка и СОУ „Ѓорче Петров”.
На државното првенство што се одржа во спортската сала „Бранители 2001″ настапија: СОУ „Ѓорче Петров”, Крива Паланка, Државно училиште спортска академија, Кавадарци, СОУ „Славчо Стојменски”, Штип и СОУ „Методи Митевски-Брицо”, Скопје.
СОУ „Ѓорче Петров”, Крива Паланка, ја потврди доминацијата во женска кошаркарска конкуренција, освојувајќи ја четвртата титула државен првак во низа.
– Чест е за првпат да се биде домаќин на едно вакво елитно натпреварување,на најдобрите четири средношколски тимови и драго ми е што како училиште сме повторно први, што продолжува традицијата на златни одлична и во новата генерација девојки кои допрва ќе имаат свој збор во оваа сфера, рече директорката на СОУ Ѓорче Петров, Елена Ѓорѓиевска.
На официјалната церемонија на првенството говореше и претседателот на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, Александар Туфекчиевски, кој ја поздрави одличната организација на домаќинот, средното училиште од Крива Паланка и општинскиот сојуз,на чело со Билјана Јовановска, и ги поздрави сите учесници кои рече, задоволство е да се видат на едно место, со една цел, спортска фер игра, надигрување и дружба.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека е гордост за првпат како општина да бидат домаќини на кошаркарско средношколско првенство.
– Моите искрени честитки ги упатувам до сите млади спортисти кои повторно нѐ радуваат со своите резултати, оправдувајќи ја довербата од професорите, вложувањата во нивното усовршување и надградба како спортисти. Но овие млади спортисти докажуваат дека сите вложувања , поддршка и стимул со стипендирање и поддршка на спортските работници и спортот,носат резултати, а според ова што го гледам убеден сум дека и во иднина овие млади спортисти ќе не радуваат, и ќе носат уште поголеми успеси и за СОУ Ѓорче Петров и за градот и во следните години, рече Митовски.
Второто место им припадна на СОУ Спортска академија Кавадарци,а трети се СОУ Славчо Стојменски, Штип
СОУ Ѓорче Петров Крива Паланка е четврти пат во низа државен првак во кошарка за средни училишта во женска конкуренција, минатата учебна година освоија и двојна круна, државни прваци и во кошарка и во баскет, во 2022 беа Балкански вицешампиони во баскет, во 2023 освоија Европска бронза , а во 2024 учествуваа на Светската гимназијада во Бахреин.