Средношколци од Струмица се обучуваат како да се справат со загадувањето на воздухот


Средношколци од трите средни училишта во Струмица заедно со нивните професори денеска се обучуваа како да се справат со загадувањето на амбиенталниот воздух во Струмица, која последните години е на врвот на загаденоста во државата.

Според, Мите Ристов, претседател на Географското здружение „Геосфера“ од Битола, многу е важно да се знае како да се превенира загадувањето на воздухот од супсендираните ПМ 2.5 и 10 честички, како младите да ги препознаат загадувачите и да подготват интерактивна мапа на загадувачите.

-Конфигурацијата на теренот е од круцијално значење и таа всушност го условува струењето на воздухот, односно дали ќе има повеќе ветер или ќе нема. Генерално сите во државата се соочуваме со ист проблем-загадувањето на воздухот од страна на домаќинствата и тоа во градови во кои досега немаше загадување. Истото се случува и во Струмица каде мислевме дека нема загадување се до поставувањето на првата мерна станица и оттогаш детектираме се поголемо и поголемо аеро загадување кое кулминира во последната година, вели Ристов.

Посочува дека е познато од каде потекнува загадувањето и затоа треба да се преземат заеднички мерки од државата и од општината кои би биле поврзани со субвенционирање на домаќинствата за да се префрлат на друг вид на затоплување на домовите, од дрва на друг енергенс.

 

-Проблем е големиот процент на влагата во огревното дрво, која според истражувањата дава од 4 до 5 пати повисоки концентрации на ПМ честички во воздухот и апелираме до јавните шумски претпријатија да дистрибуираат суво огревно дрво. Мора да се изнајдат соодветни мерки од сите страни и кога дискутираме за мерки мора да ги детектираме зоните кои во градот се позагадени, а кои не се и треба да знаеме дека воздухот не можеме да го исчистиме за една година, тврди Ристов.

Еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица, кое годинава одбележува 25 години од формирањето, го реализира овој проект со цел да едуцираат млади луѓе, кои потоа би го пренеле нивното знаење на свои врсници.

-Планираме понатаму да изведат еден интересен флеш моб во центарот на градот со кој ќе пуштиме порака за заштита на животната средина, односно за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во Струмица, рече Александар Лазаров од „Планетум“.

Додава дека е ќе се набават и осум мобилни мерачи-детектори на загадувачи и дрон кој може директно да ја мери загаденоста на воздухот, а ќе се изработи и интерактивна мапа, преку која секој граѓанин со паметен телефон ќе може да го лоцира загадувањето и преку соодветна апликација ќе може да пријавува во Друштвото или директно кај инспекциите.

Денешната работилница ја организираше ЕД „Планетум“ во рамки на реализирањето на проектот „Чист воздух, едуцирај и делувај!“, кој е финансиски подржан од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ како дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска.