Средба на Мицкоски со Зеленски во Дубровник
Премиерот Христијан Мицкоски, кој во Дубровник учествуваше на Самитот посветен на Украина, се сретна со претседателот на Украина Володомир Зеленски.
– Остварив средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленський. Изразив поддршка и стремеж за остварување на целта за траен мир, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Самитот „Украина-Југоисточна Европа“ го отвори хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.Ова е трет самит организиран во овој формат. Првиот беше организиран во август 2022 година во Атина, а вториот во февруари годинава во Тирана. Главната цел е искажување на солидарност и поддршка на Украина.
Во завршната декларација на самитот се осудува руската инвазија во Украина, а искажана е поддршка за таа земја, за нејзиниот територијален интегритет, европските интеграции и за членството во НАТО.
Во текстот на декларацијата се нагласува дека поддршката на учесниците на состанокот за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признатите граници продолжува да биде „апсолутна“. Учесниците ја потврдија својата поддршка за мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, која ја сметаат за клучна рамка за враќање на мирот.
Во декларацијата се повикува меѓународната заедница да ја зголеми поддршката за Украина и „сите земји да не обезбедуваат материјална или друга помош за руската освојувачка војна“.
Учесниците ги осудија и ги оквалификуваа „обидите на Русија за насилна и незаконска анексија на територијата на Украина“, а изборите што Москва ги одржа во окупираните украински региони во март и септември ги нарекоа „ништовни и неважечки“.
Декларацијата го поздравува отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Украина, како и фактот дека НАТО на самитот во Вашингтон „ја повтори посветеноста да ја поддржи Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“.
„Ја повторуваме нашата цврста посветеност да ги изведеме пред лицето на правдата луѓето одговорни за злосторството на агресијата, злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени за време на руската освојувачка војна“, се вели во декларацијата.
Текстот ја нагласува клучната важност на енергетската безбедност на Украина, чии „електрани и енергетска мрежа трпат огромна штета поради руските систематски и намерни напади“.
„Нагласуваме дека секоја употреба на нуклеарна енергија и нуклеарни постројки мора да биде безбедна, заштитена и прифатлива за животната средина. Во овој контекст, нагласуваме дека нуклеарната централа Запорожја мора да се врати под целосна суверена контрола на Украина и да работи безбедно“, наведува декларацијата.
Учесниците ја изразија својата посветеност да учествуваат во сегашната и повоената реконструкција на Украина „за да се обезбеди нејзината просперитетна иднина“.