Средба на државниот врв со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен
Доаѓањето на високиот претставник на Европската комисија во земјата се толкува како гест на поддршка на македонските евроинтеграции, но и последен обид на европските дипломати да укажат за важноста од донесувањето на една тешка одлука
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска ќе пристигне во посета на Република Северна Македонија.
Како што е најавено, Фон дер Лајен ќе биде примена од претседателот на државата Стево Пендаровски, а ќе оствари средби и со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Претседателката на ЕК, за време на посетата на Скопје, денеска ќе се обрати пред Собранието на Република Северна Македонија, во рамки на 80. пленарна седница, со почеток во 13 часот.
На седницата се поканети претставници на дипломатскиот кор, кои ќе можат да го следат обраќањето на претседателката на ЕК од галеријата во пленарната сала.
Пред одржувањето на собраниската седница, соопштија од собраниската прес-служба, предвидена е средба на претседателката на ЕК со претседателот на Собранието Џафери, во салата „Длаборез“.
По завршувањето на 80.седница, закажана е нова 81. седница, со почеток во 13.30 часот, на чиј дневен ред е Информација за содржината на Предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Од владиниот Сектор за односи со јавноста, најавија дека е предвидена тет-а-тет средба на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, по што ќе следи и билатерална средба.
Доаѓањето на високиот претставник на Европската комисија во земјата се толкува како гест на поддршка на македонските евроинтеграции, но и последен обид на европските дипломати да укажат за важноста од донесувањето на една тешка одлука – прифаќањето на предлог-преговарачката рамка, која за дел од партиите во парламентот е неприфатлива и длабоко задира во македонскиот идентитет и јазик. Холандскиот амбасадор во земјата, Дирк Јан Коп, во средата порача дека овој компромис „нема да победи на натпревар по убавина“, но дефинитивно ќе ја однесе земјата во ЕУ.
Додека премиерот Димитар Ковачевски очекува од пратениците да размислуваат државнички, како претставници на народот, пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Фон дер Лајен ќе се обиде со убави зборови да го амортизира францускиот предлог во Собранието, но дека пратениците на опозицијата ќе го разобличат тоа. Левица најавува „Ден Д“ и протести пред Собранието за време на седницата.
Поради протестите коишто се најавуваат за напладне, МВР најавува дека ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во однос на денешната седница на која ќе се дискутира за францускиот предлог.
Поради протестите коишто се најавуваат за напладне, МВР најавува дека ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците
„Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот. Апелирам до сите, пред сè до организаторите на овие собири, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што имаат испратено допис пред неколку дена како организатори на тие собири, секако тука се и други политички структури како Левица итн., здруженија на граѓани да направиме сè на мирен и достоинствен начин да поминуваат сите овие собири“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.