Муцунски пак ја искара ЕУ, бара да стави крај на билатерализацијата


Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја изрецитира денес во Варшава, пред состанокот на ЕУ со министри од Западен Балкан, познатата позиција на неговата партија за прием на Македонија во ЕУ. Практично тој повторно ја искара ЕУ што дозволува нејзини членки да поставуваат услови за земјите кандидати и  даде задача – конечно да го реши проблемот со билатеризацијата на пристапувањето. Впечатокот беше дека ЕУ не моли да влеземе, а ние и кажуваме – нема шанси, додека не си ги дисциплинирате земјите членки! И што е уште поинтересно, не зборува во име на Македонија туку во име на цел Западен Балкан.  

Во рамките на неговата ретка комуникација со земјите членки на ЕУ,  Муцунски порача:

„Ние сме веројатно најспецифичниот случај во ова сценарио. Оваа година полниме 20 години откако сме земја кандидат за членство, што значи дека поминаа 20 години откако ги почнавме преговорите за пристапување. Ако некој бил третиран нефер и со двојни стандарди, тоа е земјата што ја преставувам овде. Она што сакаме да видиме во процесот е да се затвори јазот меѓу создадените очекувања и испорачаното (од ЕУ), кој очигледно постои во овој момент. Ние се обврзавме да спроведеме хармонизација со ЕУ и да ја спроведеме Реформската агенда  и очекуваме ЕУ да ги испорача јасните обврски кон Западен Балкан преземени многу години порано. Но, мора да видиме крај на билатерализацијата  на процесот на проширувањето во однос на земјите од Западен Балкан. Очекуваме јасен исход бидејќи ова е време не само за зборови туку и за дела, им нареди Муцунски на сите во ЕУ.

Тој уште и бесрамно изјави дека е добро што го викнале на заеднички состанок со земјите членки на ЕУ во ова време на наизвесност – за да донесат заеднички одлуки  околу заедничките предизвици, откако како министер застана зад резолуции со кои Македонија се најде од другата страна на интересите на Европската унија. Последниве недели стигаат сигнали од европски дипломати дека губат нерви со ваквата празна реторика на нашата Влада која не се обидува да најде решение туку само бара изговори да не продолжат преговорите на Македонија со ЕУ.