Средба Ковачевски – Сарацин: Македонија е пред историски момент

Премиерот Димитар Ковачевски и специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, на вечерашнава средба во Скопје оцениле дека со отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ Македонија е „пред историски, неповторлив момент којшто неминовно води до забрзан економски развој и создавање на просперитетна, европска држава што ќе овозможи поквалитетен живот за сите граѓани“, како што се наведува во владиното соопштение.
На средбата на која бил и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, Сарацин ја потврди силната поддршка на германската влада за натамошниот напредок на Северна Македонија на евроинтеграцискиот пат и ги реафирмирал заложбите и очекувањата на Германија државата да продолжи забрзано во таа насока.
Претстојната одлука за носење на уставните измени пред која е исправена Македонија, како што било нагласено, е одлука да се биде дел од ЕУ.
Ковачевски се заблагодарил на континуираната поддршка од Германија, потенцирајќи ја важноста на Резолуцијата на германскиот Бундестаг, со којашто се потврдува силната германска поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ со нејзиниот македонски идентитет, јазик, култура и историја како дел од целокупниот мозаик на европската култура. При тоа, премиерот Ковачевски го истакна очекувањето од Германија, како најголема ЕУ членка, и натаму да игра клучна улога за европската иднина на земјите од Западен Балкан.
Ковачевски изразил оптимизам дека сите политички партии ќе се обединат и ќе се обезбеди неопходната широка поддршка околу остварувањето на заедничката стратешка цел – членството на Македонија во Европската унија.
Специјалниот пратеник на Германија стигна во Скопје токму во екот на реакциите за измените на Кривичниот законик. Во синоќешното интервју на ТВ 21 тој рече дека е изненаден од нивното изгласување.
„Прво бев изненаден. Ова е голема работа. Ја направија ќутенката. Навистина многу се зачудивме. Потоа се потрудивме да го дознаеме вистинскиот контекст и да имаме основни познавања на темата. Искрено, се уште не сме изградиле мислење. ЕУ ќе сака да даде свое мислење оти Комисијата ги проверува и заштитува договорите. Но ова е голема работа. Многу случаи ќе се работат според новата легислатива. (…) Можеби и се неопходни промени на казнениот систем, но неказнивоста не е опција. Ако сакате да влезете во ЕУ по пат кој се коси со стандардите на ЕУ, тоа нема да заврши успешно“, рече Сарацин.
Tој не знае дали законските измени се мотивирани од некаков договор.
„Ако навистина постоел таков договор, нема да заврши успешно. Но, не го знам тоа, слушам дека многу се зборува и за тоа кој го подготвувал. Разбирам зошто е голем интересот за оваа тема. Ние се изненадивме. Мислиме дека е сменет голем дел од законот. Не сме ја процениле ситуацијата сѐ уште. Јасно е дека ако ова го направиле со цел одредени злодела да бидат неказнети, тоа нема да биде добар чекор и ќе мора да биде поправен штом ќе почнат преговорите“, рече специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан.