Србија загрижена од воениот договор на Хрватска, Албанија и Косово
Има најави дека во воениот договор за заеднички одговор на безбедносните ризици би можела да се приклучи Бугарија. Македонија како да ја нема во плановите

Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата во Брисел изјави дека Хрватска и Албанија отвориле трка во вооружување во регионот со потпишување воен договор со „привремените институции“ во Приштина, додека српскиот министер за одбрана рече дека тоа е „провокативна иницијатива“ на соседните земји. „Тие отворија трка во вооружување во нашиот регион, тоа е тешка ситуација за нас, секако не е лесна, но ја разбравме нивната порака. И ќе ја сочуваме нашата земја, ќе ги одвраќаме и секогаш успешно ќе ја браниме од секој потенцијален агресор, дури и од таков моќен“, рече Вучиќ по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Ова е прекршување на таканаречениот субрегионален договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, но од реакциите од Хрватска и некои други делови од регионот видовме дека тие не се многу заинтересирани за тоа. Речиси сум убеден дека НАТО не бил ниту информиран и дека не им било ни кажано кои договори се прекршени“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека не мисли оти за ова се загрижени ни Приштина, ни Загреб, ни Тирана.
„Наше е да му укажеме на г-дин Руте и на луѓето во НАТО и на сите други дека ова е прекршување на она што е прифатено, потпишано и почитувано од 1996 година. Наше е да ја разбереме реалноста и соодветно да се подготвиме за иднината“, продолжи Вучиќ.
Хрватска, Албанија и Косово во вторникот потпишаа декларација за зајакнување на одбранбената соработка. Во Македонија потпишувањето на оваа декларација помина речиси незабележано. А и чудно е зошто Македонија не е дел од овој договор, особено што две од трите земји се дел од НАТО. Според некои информации во овој сојуз е поканета и Бугарија, што значи дека Македонија е прескокната веројатно поради блиските врски на сегашната власт во Скопје со онаа во Белград.
Декларацијата, на која можат да се приклучат и други земји, ја нагласува важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици кои можат да ја загрозат регионалната стабилност, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Хрватска во вторник.
Српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ во средата во Белград изјави дека потпишувањето на трилатерален меморандум меѓу Хрватска, Албанија и „т.н. „Косово“ за одбранбена соработка „без консултации со Белград претставува потврда за исправноста на стратешката инвестиција за зајакнување и модернизација на српската армија“.
„Ова е провокативна иницијатива на соседните земји што е спротивна на напорите за зајакнување на регионалната безбедност“, рече Гашиќ.
Тој нагласи дека таквиот „развој на ситуацијата не е изненадување за Србија, бидејќи Загреб и Тирана долго време се обидуваат да ги воведат привремените институции на самоуправа во Приштина во НАТО „преку задна врата“, а истовремено помагаат во нелегалните процеси на развој на таканаречената „косовска армија“.
Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ испрати порака до српските власти во која вели дека одамна помина времето кога Загреб го прашуваше Белград што и како ќе направи.
„Помина времето кога Хрватска го прашуваше Белград што му е дозволено и како треба да го прави тоа, а тоа никогаш повеќе нема да се повтори. Ние сме независна држава 35 години, поминавме низ пет години агресија и политика која се залагаше за таков наратив. Хрватска ќе потпишува декларации со кого сака, а соработката со Албанија и Косово е насочена кон размена на знаење, соработка меѓу воените индустрии и поддршка на евроатлантскиот пат на Албанија и Косово“, напиша Анушиќ на социјалните мрежи.
Интересно е што во рок од само неколку недели, ова беше втор разговор меѓу генералниот секретар на НАТО Марк Руте и Александар Вучиќ.
Како што изјави за Дојче веле Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи, ова е сигурен знак дека првата тема на средбата била Србија, а не воената декларација на трите земји: „Се покажува дека Србија е на работ на голем безбедносен ризик и дека однесувањето на српските власти придонесува за тој процес, кој го привлече вниманието на НАТО, бидејќи Србија има регионално значење и власта да направи сѐда избегне оружени судири со граѓаните. Особено важно, ми се чини, е предупредувањето да се стават под контрола паравоените и параполициските сили, кои се тесно поврзани со организираниот криминал и трговијата со дрога“, вели Јањиќ.
Александар Вучиќ од Брисел изјави дека со Марко Руте разговарал за однесувањето на КФОР и НАТО на Косово, но и за ситуацијата во БиХ.
Кога станува збор за тензичната ситуација во Босна и Херцеговина, Душан Јањиќ смета дека Вучиќ добил „дипломатско предупредување дека времето истекло и дека нема повеќе време за таканаречените двојни и тројни игри на поддршка или неподдршка за Милорад Додик. Србија тука мора да покаже јасни политички ставови.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос средбата во Брисел со Вучиќ ја оцени како „конструктивна“ и изјави дека „се разговарало за конкретни чекори на патот на Србија кон ЕУ и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан“. Таа ја нагласи и „важноста на граѓанското општество и независните медиуми во тој процес“.
Оваа формулација сигурно нема да наиде на ентузијазам кај српската јавност, како што беа претходните скромни изјави на претставници на Европската унија за режимот на Александар Вучиќ. Ова најверојатно само дополнително ќе ја продлабочи недовербата кон ЕУ во Србија.
Душан Јањиќ, сепак, го привлекува вниманието на фактот дека „претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е под удар поради изјавите на Марта Кос. Видовме благодарност кон оние кои наводно ја штителе безбедноста на сите учесници, а сега сите знаеме дека тие всушност извршија напад врз граѓаните на протестот“, забележува Јањиќ.
Александар Вучиќ, од друга страна, не може да каже ништо ново за напредокот на Србија во евроинтеграциите, бидејќи тој е речиси целосно запрен, додава Јањиќ, велејќи дека „новиот факт е дека во меѓународната заедница веќе никој не му верува на Вучиќ“. (Н.В.)