Србија воведува задолжително носење маски во сите здравствени установи


Работната група на српското Министерство за здравство за справување со состојбите од пандемијата на Ковид вчера донесе препораки за справување на ниво на примарната здравствена заштита и болничките установи. Една од одлуките е задолжително носење заштитни маски во сите здравствени установи, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија.

Задолжително тестирање за Ковид е наредено и за сите вработени во здравствените установи кои имаат симптоми на акутна респираторна инфекција, како и нивна задолжителна контрола и тестирање по инфекција, пренесува Нова.рс. На ниво на болнички установи, тестирањето на пациентите е услов за хоспитализација, но и за прием на хематолошки и онколошки одделенија.

Дополнително, тестирањето е неопходно за прием во одделот за геријатрија и други одделенија каде што се лекуваат пациенти со примарна или тешка имунодефициенција. Воведена е забрана за посета на болници во надлежност на Комисијата за спречување на болнички инфекции.

Комисиите за превенција од болнички инфекции во здравствените установи се должни во наредните седум дена да направат проценка на епидемиолошката состојба и да предложат мерки, како и редовно да ја следат епидемиолошката состојба. Што се однесува до болничките капацитети за сместување на хоспитализирани пациенти болни од Ковид, работната група зазеде став дека нивно дополнително проширување засега не е неопходно.