Србија воведува казна доживотен затвор за најтешки кривични дела
Српскиот Парламент денеска усвои измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кои се укинува затворска казна од 30 до 40 години и се воведува казна доживотен затвор за најтешки кривични дела.
Доживотен затвор е предвиден за тешко убиство, силување, обљуба на малолетно лице, бремена жена и немоќно лице, што е во согласност со предлог од фондацијата „Тијана Јуриќ”, поддржан од страна на околу 160.000 граѓани.
Казната доживотен затвор е проширена и на сите други кривични дела што се казнуваа со 30 до 40 години.Tие дела се убиства на претставници на највисоките државни органи, сериозни кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија, здружување заради вршење кривични дела, геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства против цивили, тероризам …
Предвидено е осудено лице на доживотен затвор да може условно да се ослободи по отслужување 27 години затвор.