Србија подготвува задолжителна воена служба


Српските вооружени сили работат на подготовки за задолжителна воена служба и дека таа ќе трае 75 дена, неодамна потврди началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, Милан Мојсиловиќ.

– Започнавме со набавка на одредени материјални средства како што се униформи, како што се оружје, пресметки, трошоци, муниција за таа активност – изјавил началникот, додавајќи дека само се чека на донесување закон што формално ќе го потврди сето ова, за да може да започне.

Иако не е завршена постапката за носење на законските измени, доколку се воведе задолжителна воена служба во Србија, се предвидува оние со приговор на совеста да се одлучат за цивилна служба без оружје. Цивилната служба во Србија порано траела подолго од воениот рок.

Воената служба не би требало да важи за мажите постари од 60 години и за жените постари од 50 години. Исто така, постои можност за одложување на воената служба до 27 години.

 

„Мондо“ дава пресек на тоа кои видови лица би можеле да го избегнат најавениот воен рок во Србија. Тоа се лица оценети како медицински неспобосни, со физички, ментални, здравствени или други проблеми.

Се очекува и слична одредба за лица кои се единствени хранители во семејството како што било некогаш кога се служел воен рок во минатото.

Ако лицето служи војска во друга земја каде што исто така поседува државјанство тогаш би можело да биде ослободено од служењето на рокот во Србија.