Србија не се смирува, вечерва се протестира во десет градови

Србија не се смирува, вечерва се одржуваат повторно протести. Тоа е и мото на протестот на студентите – „Србија не може да се смири“ – кој се одржува на неколку локации во Белград и во девет други градови низ земјата. Причината, велат тие, е прекумерната употреба на полициска сила и нападите врз демонстрантите од страна на маскирани насилници и поддржувачи на Српската напредна партија.
Поголемиот дел од собирите започнуваат во 20 часот, а особено голем се очекува во Ваљево, каде што граѓаните ќе протестираат против, како што тврдат организаторите, бруталноста и малтретирањето на полицијата кон секој што не се согласува со режимот на претседателот Александар Вучиќ, вклучително и малолетници.
Здруженијата на граѓани од Нови Сад се собраа пред Ректоратот на протест наречен – „Вечерва го чистиме градот – слободата останува“. Здруженијата повикаа на протест поради, како што истакнаа, „невидена полициска репресија и отворени повици за насилство врз граѓаните“ во пресрет на која, како што наведуваат, „огнот на слободата гори сè посилно“.
„Дојде време. Закажан е судир во Ваљево, но борбата е за цела Србија“, нагласија Здруженијата.
„Додека армиите на темнината се собираат и се подготвуваат за последниот удар, нашите другари завршуваат во притвор и болници! Времето е сега. Кога ќе осамне нов ден – Нови Сад мора да биде чист“, се наведува во повикот на Здруженијата. Жителите на Ваљево тргнаа на протестна прошетка, предводена од актерите Нела Михајловиќ и Драган Бјелогрлиќ, Милан Нешковиќ и Милан Мариќ.
Најжестоко беше вечерва пред седиштето на владејачката Српска напредна партија (СНС) во Ваљево. Таму се собра група од неколку десеттици млади луѓе, дел од нив со качулки на главите и маички врзани преку лицето со што го кријат својот идентитет. Тие почнаа да испукуваат пиротехнички средства кон седиштето на СНС по што се разгоре оган во дел од просториите. Набрзо пристигна противпожарно возило, а пожарникарите со помош на дел од демонстрантите го изгасија огнот.Искршен е влезот во зградата на Општина Ваљево каде полицијата, која е во полна опрема за разбивање демонстрации, формираше кордон и употреби солзавец.
Како што јави телевизијата „Н1“, неколку стотици граѓани во Милановац вечерва фрлаа тоалетна хартија врз просториите на СНС во тој град. За тоа време, светлата во просториите на СНС биле исклучени, а пред просториите имало само полициски кордон кој не реагирал на овој потег на демонстрантите.
Протестниот марш во Нови Сад, пак, заврши пред канцелариите на СНС чии прозорци се искршени со шишиња и други предмети.
Српските медиуми јавуваат дека полицијата фрлила солзавец и шок бомби, а потоа јуришнала кон демонстрантите кои се собрале на вечерашниот протест во Нов Белград. Демонстрантите се обиделе да стигнат до седиштето на СНС на улицата Џон Кенеди кон кое биле испукани пиротехнички средства. На ова возвратила полицијата.
Протестите во Србија повторно се разгореа по зголеменото насилство од страна на режимот на Вучиќ, и траат од ноември минатата година, кога 16 лица загинаа при падот на настрешницата на станицата во Нови Сад.