Справување со кризата, фискална консолидација: Што содржи Предлог – буџетот за 2023
Министерот за финансии Фатмир Бесими го образложи Предлог-буџетот за 2023 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет
Вкупните приходи на Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.
Како што рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ги образложува предвидените проекции пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари.
Според Бесими, вкупните расходи се планирани во износ од 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.
-Предложениот Буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии: капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит – ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата, пак, на Буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари, при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што ќе даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот, подвлече министерот.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2023 година, како што рече Бесими, се базираат на реализацијта на приходите во тековната 2022 година, очекувањата за економскиот раст и подобрувањето на ефикасноста, како и на ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.
Вкупните даночни приходи, кои ги опфаќаат приходите по основ на данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите, увозните давачки и другите даночни приходи и сопствените приходи на буџетските корисници, во Буџетот за 2023 година се проектирани на 162,6 милијарди денари, што е за 13,6 отсто над износот на приходи планиран со Буџетот за 2022 година. Тие учествуваат со 17,7 проценти во БДП за 2023 година, што е приближно еднакво, напомена Бесими, со учеството во претходната година.
Справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, обезбедување услови за економско заздравување и одржлив економски раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции (ЕУ и НАТО), се четирите основни цели на Предлог-буџетот за 2023 година, рече Бесими.
Министерот напомена дека Владата останува цврсто на определбата за постепена фискална консолидација, која нема да влијае негативно на економската активност.
-Овој буџет е прв што се носи согласно ноивот Закон поддржан од сите пратеници, подвлече Бесими.
Тој најпрво се осврна на економскиот контекст и претпоставките за буџетот, на основното макроекономско сценарио и ризиците. Рече дека економската активност во Република Северна Македонија годинава беше под влијание на предизвиците и неизвесностите предизвикани од глобалните фактори. Во второто тримесечје БДП забележа годишен раст од 2,8 отсто на реална основа, што претставува натамошен раст на економската активност, по зголемувањето од 2,4 проценти во првиот квартал. Економскиот раст во првата половина на 2022 година достигна 2,6 отсто.

Како што истакна Бесими, стапката на инфлација во текот на годината има нагорна тенденција и во периодот јануари-октомври 2022 година достигна 13,2 отсто, што ги отсликува ценовните притисоци на страната на понудата предизвикани од глобални фактори, кои резултираа со нагорен тренд на цените на примарните производи на меѓународниот пазар, а се пренесоа во домашната економија, главно преку зголемените цени на прехранбените производи, нафтените деривати и електричната енергија. Согласно досегашните движења кои се значително повисоки во однос на претходните проекции, се очекува, како што истакна Бесими, на стапката на инфлација да достигне 12,9 отсто во 2022 година.
Пред почетокот на денешната 52 седница на Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред единствена точка е Предлог-буџетот за 2023 година, министерот Бесими симболично му го предаде Буџетот на претседателот на Комисијата Бојан Стојаноски во знак на, како што рече, досегашната добра соработка.
Стојаноски, пак, потсети дека претресот по Предлог-буџетот – општите претреси и претресите по амандманите, може да трае максимум 10 работни дена.