„Спотифај“ воведува предупредувања за спорните вести за пандемијата


САД – Музичката стрим-платформа „Спотифај“ соопшти дека за слушателите на интернет-емисијата на Џо Роган кои разговараат за Ковид-19, ќе воведе насочување до точни информации за пандемијата. Ова следи по укажувањата на група музичари, предводени од Нил Јанг и Џони Мичел, кој и ја отстрани својата музика од платформата во знак на протест.

– Работиме на додавање предупредувања на секоја емисија што вклучува дискусија за Ковид-19. Овие предупредувања ќе ги насочуваат слушателите кон нашиот информативен центар за Ковид-19…  Нови напори за борба против дезинформациите ќе бидат почнати следните неколку дена, изјави извршниот директор на „Спотифај“, Даниел Ек.

Принцот Хари и Меган Маркл исто така изразија загриженост за дезинформациите на платформата.

Роган (54) ги охрабрува младите да не се вакцинираат и ја поттикнува употребата на лекот против паразити –  „Ивермектин“, што не е официјално одобрен за употреба против коронавирусот. Водителот има повеќегодишен договор со платформата вреден 100 милиони долари.

Последниве години, гигантите во интернет-просторот, како Фејсбук и Јутјуб, беа на удар на критичарите затоа што им дозволуваат на тн. „теоретичари на заговор“ да ги шират своите ставови, кои честопати содржат и непроверени и неточни податоци.