Спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија да се решава надвор од пристапниот процес за ЕУ, порача Стејт департментот


САД ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да ги решат билатералните спорови надвор од пристапниот процес, за да се постигне заедничката цел за членство на Северна Македонија во Европската Унија, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Стејт департментот.

„Ние сме јасни во нашата желба да видиме кандидатурата на Северна Македонија да влезе во преговарачката рамка до крајот на оваа година“, рече портпаролот на Стејт департментот, нагласувајќи дека ги поздравува напорите за преговори.

Во изјавата се вели дека „процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет низ регионот. Одлуката на ЕУ во март, да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија беше позитивен чекор и го негираше лажниот наратив дека трансатлантската заедница го запоставила Балканот“.

„Одложувањето на пристапот на овие држави во ЕУ ризикува да се обноват прашањата за кредибилноста на ЕУ во регионот“, изјави портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека САД се силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Западниот Балкан.