Според ОБСЕ, изборите беа добро организирани и конкурентни, но не и демократски

Континуираното вклучување на владини претставници во кампањата понекогаш ја замаглуваше линијата помеѓу државата и партијата, стои во извештајот на ОБСЕ


 

Делегацијата на набљудувачите на ОДИХР, која го следеше вториот круг на изборите во Македонија, излезе со суптилна оценка околу изборите, дека биле добро организирани, мирни и конкурентни, но никаде јасно не ги оценува – како демократски.

Според нивните наоди, иако има техничка рамка за да бидат такви, остануваат „бројни недоследности и празнини, особено во врска со изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање на изборните спорови“.

Главна забелешка притоа е дека не сите кандидати учесници на изборите имале исти услови за кампања, а владини преставници толку биле присустни во неа – што се изгубила повторно разликата меѓу партијата и државата.

Третата најсилна забелешка е дека и натаму имало обвинувања за притисок врз гласачите и за купување на гласови, што според ОДИХР, се загрижувачки. Најкуриозитетен е наодот на набљудувачите на ОДИХР  дека имало „често следење на гласачите“, што го забележале и констатирале сами. 

Оспоред ОДИХР, барањата за известување за финансирањето на кампањите останале ограничени за вториот круг, а отсуството на надзор ја поткопал транспарентноста и ја намалил одговорноста.

„Ниту една од институциите задолжени за надзор на финансирањето на кампањата не покрена постапка против кандидатите кои не ги исполниле барањата за известување пред првиот круг, што дополнително ја ослабува јавната доверба“, стои во оценката на ОДИХР. Народски кажано, никој не се труди да провери како партиите ги собираат и трошат народните пари и останатите. 

Набљудувачите утвдрдиле и недостатоци во работата на ДИК, за која оценуваат дека била ригидна и формалистичка. 

„Набљудувачите забележаа дека изборната комисија групираше некои жалби наместо да ги разгледува поединечно, а нејзиниот ригиден, премногу формалистички пристап значи дека истрагата на некои случаи била ограничена, што предизвикало загриженост во врска со правичната постапка и правото на ефективен правен лек. Позитивно е што надлежниот суд ги разгледа жалбите темелно, следејќи ги утврдените процедури на седници кои биле отворени за јавноста“, стои во оценката.

Според ОДИХР, тонот на кампањата во вториот круг бил повоздржан, но сепак обележан со лични напади врз кандидатите и меѓу партиските лидери.

„Како и во првиот круг, основните слободи на изразување, како и на здружување и собирање беа почитувани, а кандидатите можеа слободно да водат кампања. Сепак, тонот на кампањата беше повоздржан отколку во првиот круг, со некои случаи на лични напади од страна на кандидатите и партиските лидери едни кон други. Континуираното вклучување на владини претставници во кампањата понекогаш ја замаглуваше линијата помеѓу државата и партијата. Загрижувачките обвинувања за притисок врз вработените во јавниот сектор и гласачите продолжија, како и бројните обвинувања за купување гласови“, стои во оценката.

Околу известувањето во вестите на сите радиодифузери што биле следени од набљудувачката мисија стои дека тоа генерално било неутрално, но проблем бил нерамноправниот третман на партиите.

„Државните средства за политичко рекламирање и распределба на времето во етер беа распределени меѓу кандидатите според истата формула применета во текот на првиот круг, ставајќи ги во неповолна положба независните кандидати и партиите кои не се претставени во парламентот и ефикасно исклучувајќи ги помалите партии со парламентарна група. Неколку кандидати, исто така, изразија загриженост во врска со манипулативните наративи на социјалните мрежи, а на интернет беа забележани и голем број случаи на провокативна реторика“, стои во оценката на ОДИХР.

Таа, иако срочена дипломатски јасно кажува дека изборите не се сосема според европските стандари (затоа сѐ уште имаме и набљудувачи) и дека кај нас упорно се игнорираат забелешките за потребните изборни реформи, така што демократијата во Македонија стагнира и  дава вакви резултати, т.е. масовна апатија и неизлезност на избори поради чувството дека системот е заробен и циментиран. (Н.В.)