Според Николоски, Бугарија е таа што раскажува приказни за Коридорот 8


Во Бугарија пак ја отвораат темата за Македонија. Не е добро што соседот е нестабилен со оглед дека повторно има политичка криза и можно е пак да има избори. Очигледно дека на тоа мислат дека ќе добијат избори. Ова е политичка изјава и не е суштинска изјава, изјави министерот за транспорт Александар Николоски по минатонеделните критики од неговиот бугарски колега Гроздан Караџов кој рече дека македонскиот вицепремиер раскажува „македонски приказни за добра ноќ“ во врска со железничкото поврзување меѓу двете држави на Коридорот 8.

Според него, во моментов на Коридорот 8, во делот на железницата, единствен кој што гради е Македонија.

-Сега вие можете до утре да раскажувате приказни и можете секој ден по пет интервјуа да давате, но прашањето е дали на терен се работи или не. Со должна почит, тој е министер кој што треба да гради, а не портпарол на влада кој што треба да зборува. Само ние градиме. Се гради втората делница од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри и ќе ја завршиме догодина. Од нивна страна не се гради ништо, рече Николоски.

Тој информира дека од бугарската страна нема одговор на 15 дописи на македонските преставници. Од нивна страна е пратена само една драфт-верзија на договорот, посочува Николоски.

-И бланко да го потпишам, пак нема да работат и ќе најдат друго образложение, истакна министерот во емисијата „Радио Лидер“.

Во таа насока бугарскиот вицепремиер и министер за транспрот вели дека договорот за железничкото поврзување е испратен до македонските власти, но уште не е потпишан од Николоски. Караџов посочи дека Бугарија проектира 90 проценти сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините, овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час.

-Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не, наведе Караџов, оценувајќи дека Николоски „раскажува македонски приказни за добра ноќ“ и праша – „го испративме договорот, каде е Николоски да го потпише?“.