Според Мицкоски состојбата во коалицијата е одлична


Премиерот Христјан Мицкоски вели дека е состојбата во коалицијата е „одлична“ и најави дека „наскоро“ ќе има средба со коалициониот партнер и минситер за здравство, Арбен Таравари. Потребата од разговор доаѓа откако Таравари се скара со дел од структурите во ВЛЕН, кои го обвинија дека соработува со ДУИ.

„Па ќе се случи наскоро“, рече премиерот Мицкоски.

Претходно, во дел од медиумите беше пласирана информацијата дека средбата ќе биде до крај на оваа недела, но тоа не беше потврдено од ниту една од страните.

“Досега нашата одлука е само една, а тоа е дека на листите за советници Алијанса за Албанците ќе настапи самостојно. За кандидатите за градоначалници имаме кажано дека сме отворени, пред сè со ВЛЕН, ако се расположени. Ако немаат, втората опција е самостојно, понатаму ќе видиме”, рече Арбен Таравари, министер за здравство.

Во меѓувреме, вицепремиерот на Владата Александар Николоски во интервју за „360 степени“ изјави дека доколку Таравари соработува со ДУИ, тоа би претставувало политичко самоубиство.

(Од друга страна, лидерот на ДУИ и на Европскиот фронт, Али Ахмети, го нарекува храбар чекорот на  Таравари, кој повеќе не е дел од ВРЕДИ, по несогласувањата во коалицијата.

„Секако, го цениме храбриот чекор на  Таравари, кој многу порано разбра дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада, бидејќи дојде на власт со антиалбанска платформа“, порача Али Ахмети.

Дали има простор за соработка со Таравари на Европскиот фронт?

„Сè уште нема финални разговори. ДУИ сè уште не ги свика раководните тела на партијата. Мислам дека во рок од една недела ќе бидат повикани највисоките партиски тела. Ќе бидат разгледани сите ситуации“, додава Али Ахмети.