Според Мицкоски, ДУИ „ги потрошиле“ парите за подобри плати за административците

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, истакна дека не е заробеник на проценти и дека јавната администрација се соочува со голем проблем да најде кадар, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, бидејќи поради аздисаноста на функционерите од нејзината партија и празнењето на државниот буџет – не може да им понуди добри плати.
„Ние во суштина имаме голем проблем да најдеме луѓе кои ќе работат во јавната администрација без разлика дали тие се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци итн. Имаме отворени конкурси и молиме луѓе да се вработат, но не сакаат бидејќи имаат подобра платена работа. Верувајте ми, ова ви го кажувам од прво име“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Е, сега има вработени како тие од Лотарија на Македонија, најголемиот дел активисти на вашата политичка партија или блиски на активисти на вашата политичка партија кои си дадоа отказ. По формирањето на новата влада самите си дадоа отказ. Во суштина и не знам дали можам да им дадам статус на вработени бидејќи не иделе на работа, а добивале плата. И директорот кој како одговорно лице добива кривична пријава и бега од државата, наместо да дојде да се соочи и да каже зошто е тоа така“, рече Мицкоски.
Според него, ваквата состојба е резултат на примери како на, како што рече, бегалецот кој е на црната листа и кој додека беше на функција мислеше дека оваа држава е негова сопственост.
„Еве јас јавно повикувам да има што повеќе апликанти Албанци, повеќе апликанти Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, да влезат во јавната администрација и не сум заробеник на проценти, само да има квалитетни и мотивирани да работат. Веднаш утре да почнат да работат. Не се пријавуваат, нема интерес. Никој нема да дојде за 25 илјади плата. Знаете зошто? Затоа што еден друг бегалец којшто е на црната листа мислеше дека оваа држава е негова своина, си играше фудбалчиња, а по малку и си работеше во Лотарија, па по малку си изнајмуваше простории коишто ги натплаќаше едно 10 пати повеќе од пазарната сума, па малку повеќе си купуваше објекти во центарот на Скопје, туристички агенции за неговото семејство итн.“, истакна Мицкоски и додаде:
„Така се празнеше и се цицаше државниот буџет којшто сега не може да си дозволи поголема плата и поголеми примања за да можеме да бидеме атрактивни како сектор, за да има повеќе Албанци коишто ќе доаѓаат на работ, коишто ќе бидат мотивирани да работат, коишто ќе сакаат да работат и коишто ќе придонесуваат заедно со мене, со вас за нашата заедничка унитарна држава. Нема интерес. Никој нема за 22-23 илјади да дојде да работи“, порача премиерот ( кој патем не објасни како од истиот буџет имаше пари за функционерите да си ги зголемат платите за 78 отсто).
Мицкоски исто така додаде дека рамката на законот за правична застапеност е готова и дека се работи на тоа да биде уставен, апликативен и никој во иднина да не може да го оспорува и да прави политички поени на оваа тема.
„Рамката на идниот закон е готова уште пред Нова Година. И да, во рамките на коалицијата се разговараше на решение што ќе биде уставно. Решение што нема да дозволи вработувањето, што е уставно загарантирано, да биде предмет на политичка дебата и политички собирање поени на одредени политичари коишто во отсуство на друга тема, немаат друга тема, само тоа знаат и етнички ќе ги делиме сега работите“, порача Мицкоски со укор практично кон ДУИ иако најактуелен таков скандал беше изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за 3.000 нови вработувања на Албанци во администрацијата.