Според Касами сега има и трета Алијанса за Албанците

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами, по оставките на дел од владините функционери од редовите на Алијанса за Албанците (АА), истакна дека станува збор само за неколкумина индивидуалци, додека останатите ќе продолжат да бидат дел од Владата и новоформираната партија „Вреди“. На новинарско прашање како ќе се постапуваа откако се формираа три крила на Алијанса за Албанците, Касами рече дека таа партија е дел од коалицијата „Вреди“ и во иднина ќе биде дел од истоимената заедничка партија.
– Една е Алијанса за Албанците, таа што е дел од коалицијата „Вреди“, има процедури од правен аспект кои се во судска постапка. Ние се надеваме дека тоа брзо ќе заврши во интерес на вистинската, да кажам, Алијанса на Албанците. Но, за нас важно е каде се гласачите на АА, а гласачите на Алијанса на Албанците се како дел од „Вреди“ за тоа што беа важен чинител на победата во парламентарните избори. Од формален аспект, веќе е донесена одлука „Вреди“ да стане политичка партија и политички субјект. Така да за нас е многу помалку важно, дали ги имаат печатите или не, за нас е важно гласачите на Алијанса на Албанците да бидат таму кај што беа на последните парламентарни избори, рече Биљал Касами по настан во Тетово каде беше во својство на градоначалник.
Прашан кој ќе ги замени тие што поднесоа оставка во Владата, Касами рече дека во тек се консултации со премиерот.
– Овие денови ќе се знаат имињата на министри, заменик министри. За нас е тоа важен процес, затоа што министерството за здравство е многу важно министерство за да имаме резултати кои сме ги нуделе на граѓаните на последните парламентарни избори. Само индивидуи кои соработуваат на некој начин или форма со ДУИ не се добредојдени, но ние цениме дека Алијанса на Албанците и сите кои сакаат да останат во Алијанса на Албанците и следователно на тоа и на Вреди, се добредојдени. Така да веќе почна тоа како процедура, рече Касами.
Од ВЛЕН, пак, известија дека до денес пратеничката група на ВЛЕН брои 9 члена, додека во наредните денови очекуваат да им се придружи десетти член, потоа единаесетти, а можеби и четиринаесетти, така што практично ќе биле најголемата албанска пратеничка група во Собранието.
-Пратениците кои учествуваат во оваа група се: Африм Гаши, кој е и Претседател на Собранието, Беким Ќоку, координатор на групата, Аднан Азизи, Мерита Колчи Коџаџику, Имерлије Салиу Фетаи, Саранда Имери Стафаи, Беким Сали, Калтрина Беќири и Фериде Хаџиу. Го информиравме претседателот на Собранието за членовите на оваа група и побаравме ова реконфигурирање на пратеничката група да се одрази во соодветните работни тела на Собранието. Очекуваме оваа обврска да се исполни во наредните денови.
На оние 107 илјади гласачи кои го дадоа својот глас за коалицијата ВЛЕН ние продолжуваме да сме лојални на договорот што го склучивме со нив на 8 мај 2024 година и дека сме доследни и непоколебливи кон програмските определби и изборните ветувања со кои нѐ овластија да бидеме претставници на народот.
Затоа, упатуваме најискрен и срдечен апел до другите албански пратеници, особено до колегите кои добија мандат од коалицијата ВЛЕН, да се приклучат на оваа група во овие клучни времиња за земјата, за да го спроведат до крај мандатот на оние граѓани, кои им ја дадоа својата доверба и надеж под слоганот „Промените ВРЕДАТ“. Нивниот глас никаде не вреди повеќе отколку овде, заедно со нас, порачаа од ВЛЕН.