Според адвокатот на Палевски можно е тој воопшто да не е поврзан со убиствата
Нема докази, верувам дека ќе ја докажеме невиноста на мојот клиент Љупчо Палевски, изјави денеска адвокатот Марјан Витановски, веднаш по завршувањето на судското рочиште на коешто сведочеа мајката на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката и зетот на убиентот Панче Жежовски – Ана Киркова и Тодор Кирков.
– Зорица Ѓорчевска во својот исказ не посочи дека го познава Палчо, а не знаеше ни дали нејзиниот сопруг Александар воопшто се познавал со Палчо. Нејзиниот исказ повеќе се состоеше од тоа како се одвивала потрагата и кои дејствија ги презела таа. Во однос на оштетената Ана Киркова, и таа не ги познава обвинетите освен Велибор Манев. Не знае за било какви недоразбирања со Палевски, а истото го кажа и нејзиниот сопруг сведокот Тодор Кирков. Засега, нема ниту еден дел од нивниот исказ кој упатува кон тоа дека Палевски е сторител на кривичните дела. Ние баравме од оштетената и субјективно мислење дали можеби претпоставува дека можеби нејзиниот сопруг и Палевски биле во некаков контакт, а таа одговори дека не знае за такво нешто – рече Витановски.
Според доказите, постои голема можност, рече тој, обвинетиот Љупчо Палевски воопшто да не биде поврзан со кривичните дела.
-Многу адвокати се оградија, ама јас цврсто и искрено верувам во невиноста на мојот клиент – додаде Витановски.
Сведокот Ана Киркова, ќерка на грабнатиот и убиен Панче Жежовски, сведочеше за деновите кога татко и го немало и за неговото познанството со обвинетиот Велибор Манев.
На прашање од Љупчо Палевски-Палчо, дали Панче имал контакт со него, таа рече дека татко и никогаш не разговарал за тоа со кого контактира. По два дена откако не кревал на телефон, сопругот на ќерката отишол да види што се случува – а внатре ги нашол вклучени ламбата и греалката.
Таа посочи дека обвинетиот Велибор Манев работел на поплочување во куќата на татко и.
„Го изнајми за да направи поплочување. Околу бекатонските плочки татко ми не беше задоволен. Не можам да се сетам. Мислам дека татко ми тужеше. Не ни кажуваше ништо не сакаше да не вовлекува во проблемите негови“, додаде сведокот Киркова.
Таа раскажа дека со татко и се гледале еднаш неделно, не сакал внимание и им викал да си ги гледаат децата.
„Јас си сопругот пријавивме дека го нема татко ми. Живееше надвор од градот на 15 минути. За жал живееше сам. Татко ми не сакаше околу него да се обрнува внимание, водеше здрав живот, еднаш неделно ако се видевме. Не сум јас старец, велеше ‘оди дома гледај си ги децата’. Ние пријавивме дека него го нема. Полиција почна да го бара“, додаде Киркова.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ изјави пред медиумите дека денеска е битен исказот на мајката на починатата, Вања Ѓорчевска – Зорица затоа што, како што вели, се расчистиле сите шпекулации и мистерии од откривањето на настанот. Тој смета дека исказот дава логичен тек на работите и се потврдува тезата на одбраната на Александар дека лицето нема никаква инволвираност.
„Самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено во тој момент. По однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, појасни дека и таа имала своја теорија дека Вања избегала, дека некој ја прелажал и појасни во која насока она го разговара неговото толкување и мислење дека Вања е киднапирана. Таа појасни дека тој не можел да се помири со фактот и дека им верувал на децата. Затоа неговата теорија била дека тој претпоставува дека нема што друго да биде освен киднапирање. Сите биле вознемирени, со цел да се пронајде детето“, рече адвокатот.
Според него, овој исказ на мајката на Вања е различен од оној што го дала во Јавното обвинителство, односно отстапува од тоа што денеска е слушнато.