Споменикот за Горан Стефановски ќе биде поставен во неговото Дебар Маало


Во чест на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски, Општина Центар заедно со семејството на Стефановски во неговото Дебар Маало наскоро ќе постават споменик.

– Симболичниот споменик, е веќе излеан, се наоѓа во Лондон, Велика Британија и ќе биде поставен во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој минатата година на роденденот на Стефановски – 27-ми април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература, соопштија денеска од Општина Центар.

Одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски, се наведува во соопштението, е дел од програмата за култура на Општина Центар и со исклучок на оваа година, кога целиот свет се соочува со пандемијата на коронавирусот, општината секоја година во Дебар Маало ќе го одбележува со пригоден настан.

Од неодамна функционира и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше тој за македонската културна сцена.

Роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, Горан Стефановски беше еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, „Бушава азбука“.