Споменикот на војводата Александар Турунџев конечно ќе биде поставен на Ат-Пазар во Битола

По точно пет години, откако споменикот беше излеан и донесен во дворот на Општина Битола, новата локална власт ќе го постави налокацијата која првично ја предвиде екс-градоначалникот Владимир Талески


 

БИТОЛА – Споменикот на македонскиот револуционер Александар Турунџев конечно ќе биде поставен на Ат-Пазар во Битола. По точно пет години, откако споменикот беше излеан и донесен зад дворот на Општина Битола, сега со новата локална власт се создаваат услови тој да стои на локацијата која првично ја предвиде екс-градоначалникот Владимир Талески.

Споменикот на војводата Турунџев е висок 3 метри, тежи 500 кг и ќе биде поставен на постамент од 2 метри. Изработен е од бронза. Тој е дело на авторот Ѓорги Димовски, изработен во ливница во Скопје под надзор на менторот Валентина Стефановска, која остави најголем белег врз проектот „Скопје 2014“.

Од Општина Битола за „Независен“ потврдуваат дека споменикот ќе биде поставен. Ова значи дека на локацијата ќе се изгради нов кружен тек и ќе се постави нов споменик во Битола.

„Идејното решение треба да предвиди поставување на споменикот на Александар Турунџев, кој повеќе години е во дворот на општината“.

Работите околу поставувањето на споменикот ќе бидат „откочени“ во петок на новата седница на Советот, каде на дневниот ред предвидена е точка на која треба да се донесе Одлука за продолжување на активностите за реализација на Основниот проект за употреба и одржување на коловоз за крстосницата кај поранешната Ветеринарна станица во непосредна близина на Ат-Пазар, местото каде е погубен Турунџев.

„Со оваа Одлука општина Битола ги продолжува активностите за реализација на Основниот проект за употреба и одржување на коловоз за крстосница на ул. ‘Прилепска’ со ул. ‘Баталјон Стив Наумов’, кај Ветеринарната станица, што подразбира обновување на проектната документација, за изведба на кружен тек на оваа локација“, велат од општина Битола.

Споменикот на војводата Турунџев беше донесен во Битола на 12 септември 2017, само кусо време пред локалните избори, кога ВМРО- ДПМНЕ ја загуби власта во Битола. Тогаш, новата локална власт предводена од СДСМ и градоначалничката Наташа Петровска мораше да го плати споменикот нарачан од Талески – 48.000 евра за авторските права и изработката на постаментот. Она што беше симптоматично е што Талески пред локалните избори изјави дека споменикот чини околу 28.000 евра. Уште тогаш беше кажано дека со поставувањето на споменикот, „општина Битола, дава свој мал придонес кон тоа што значи историска обврска и должност за достоинствено одбележување на делата на војводата“.

Клучен момент споменикот да не биде поставен толку долг период и да остане во дворот на Општина Битола е фактот што на избраната локација требаше да биде исечен парк со дрвја стари по 35 до 40 години. Но, жителите се спротивставија, со денови се собираат и реагираа, па Општината ја запре постапката. Тогаш Талески во писмено соопштение до медиумите напиша: „Не навлегувајќи во мотивите на организаторот, во овој период на политички мотивации, проектот ќе биде подложен на дополнителна ревизија“.

 

Локалната власт предводена од Петровска, не покажа интерес да се постави споменикот, за сега после пет години, идејата за поставување на споменикот на војводата повторно се актуелизира.

Останува отворено прашањето, како сега ќе течат подготовките за поставување на споменикот, колку дрвја ќе бидат на мета на дрвосечачите, дали ќе реагираат позитивно или негативно граѓаните кои живеат на оваа локација во градот?

Позната е историјата за македонскиот револуционер Турунџев, пред и по Илинденското востание, особено начинот како беше погубен. Османлискиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осуди Турунџев на смрт откако една година пред тоа беше заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Казната беше извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-Пазар, на 30 август 1905 година. Во непосредна близина на оваа локација се планира и поставувањето на споменикот. Гробот на Турунџев се наоѓа на битолските светонеделски гробишта.