Спомен-куќата на Тоше во Крушево е најпосетуван музеј во регионот
Спомен-куќата „Тодор Проески“, на Гумење во Крушево, за десет години ја посетиле преку 700 000 гости
Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево денеска одбележува 10 години откако е отворена за посетители, за обожаватели и за гости во чест на голема музичка ѕвезда. На 25 април 2011 година е отворен овој импозантен музеј, Спомен дом кој една деценија ја раскажува приказната за Тоше, за големиот музичар, за хуманистот, човекот кој и денес ги плени срцата на луѓето од земјава, Балканот и од Европа.
Спомен-куќата е симболиката на сѐ во што веруваше Тоше, најпосетуваниот музеј на овие простори и со меѓународна награда за уникатно архитектонско дело.
Годишнината од отворањето на Спомен-куќата, поради пандемијата се одбележува скромно, но незаборавно со ретроспективна изложба на сите настани и манифестации низ годините и со видео-презентација.
Според Бети Талеска, в.д директор на Спомен-куќата „Тодор Проески“, за десет години ја посетиле преку 700 000 гости. И лани, во пандемиската година дошле околу 15 000 посетители, колку и во претходната година. Во домот е приказната за Тоше, за неговиот живот, за песните, за сето во што веруваше тој. Зрачат љубовта, но и тагата.
– Денес се навршуваат точно 10 години од отворањето на Спомен-куќата „Тодор Проески“. Десет години постоење, десет години успешна работа, 10 години презентација на музејските предмети поврзани за животот и делото на Тоше Проески. Со изградбата на овој музеј се оддаде почит на една личност која го освои Балканот, а и пошироко. Со љубов, музика и верба. 10 години преку музејот е отворена душата на Тоше. Балканот и пошироко живеат со спомените за Тоше. Од отворањето до денес во Спомен-куќата дошле околу 700 000 посетители, државни, домашни и странски делегации, фанови, обожаватели на Тоше го посетиле овој музеј, ги почувствувале љубовта, среќата, но и тагата, празнината. Во 10 години се одржани бројни настани: музички, едукативни работилници со учениците од градот, промоција на монографија, поетски читања, пеење на неговите песни, но и создадени песни за Тоше, потоа хуманитарни настани, ревии, крводарителски акции. Имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата, почитувајќи ги мерките и поради ограниченоста на настани и манифестации, годишнината ја одбележуваме скромно со изложба на фотографии за сите настани низ овие 10 години и со видео промоција на Спомен-куќата и на музејската поставка, вели Талеска.
Посочи дека изложени се 350 експонати, предмети, дел од животот на Тоше, а во депото има уште.
-Во моментов се изложени околу 350 предмети. Најголемиот впечаток за посетителите е целата приказна. Емоцииите, солзите, чувствата што ги изразуваат посетителите кога се соочуваат со предметите на Тоше, е најголемата пофалба за музејот, за тоа дека Тоше е нераскинливо поврзан со сите. Поставката ќе се надополнува со нови предмети и експонати. Ги имаме и во депото на Спомен-куќата каде грижливо ги чуваме и ќе се изложат, вели Талеска.
Проектот е осмислен од тројца архитекти на кој работеа една, а се градеше две години. Преку разни симболики е прикажан животниот пат на Тоше Проески. Објектот се простира на 1 200 метри квадратни, на две нивоа. Има околу 20 витрини. И секоја посебно раскажува за животниот пат на Тоше. Сите се порзани со дигитална технологија, со аудио и видео опрема. Тука се и восочните фигури, музичкото студио на Тоше.
Во ноември 2012 година на фестивалот во Барселона, проектот ја доби наградата „People’s choice Award“ за најдобро идејно решение во конкуренција од 704 објекти од светот. Спомен-куќата во 2011 година ја освои и големата годишна награда за архитектура од македонската Асоцијација на архитекти.
Од Спомен-куќата каде секогаш се отворени вратите на посетителите се уверени дека музејот постојано ќе биде дом на почитувањето, на љубовта, вербата, но и на тагата и одминливоста на животот, но не и на делата кои зад себе ги остави Тоше Проески.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски нагласи дека секогаш ќе ги негуваат животот и делото на Тоше кој, како што велат фановите има само ден на раѓање.
– Може да кажеме дека Тоше сѐ уште живее со нас преку музејската поставка, со песната и преку манифестациите. Ние како Општина ќе продолжиме да ги негуваме ликот и делото на нашиот сограѓанин, нашата поп икона, музичката ѕвезда и големиот хуман човек Тоше Проески, вели Христоски.
Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.