Спој на емоција, талент и грациозност: Охрид ја препозна магијата на балетот
Класичниот балет не е професија која буди интерес кај широките маси, но има голем број љубители и познавачи на оваа професија. А Македонија има прекрасна публика.
![]()
На волшебната ноќ на отворањето на 61. Охридско лето, на сцената на Античкиот театар ги почувствува талентот, искреноста, страста, животот, емоцијата, душата, совршенството, харизмата, грациозноста, авторитетот, женственоста и оптимизмот на уметниците од Националната опера и балет кои приредија импресивен омаж за еден од најзначајните композитори од светската музичка ризница Петар Илич Чајковски.
![]()
Балетските првенци, Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ , како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, за што беа наградени со бурни и долготрајни овации. Отмената атмосфера, врвниот танц и костимите на Љупка Ристовска, Гана Ипатиева (Украина), Миодраг Табачки (Србија) и на Александар Ношпал беа достојни за почит и восхит. А и балерините во приватниот живот , секогаш изгледаат прекрасно и се достојни репрезенти на својата фела.
![]()
-Костимографијата бара и малку поинакви познавања на многуте нешта, бара широк ум, поголемо истражување, образование и интелигенција. Костимографијата се смета за самиот врв во креирањето на облеката: не е случајно што многу познати модни имиња сакаат и се радуваат на работата во театарот, посебно во балетот, кој е најдиректно поврзан со комоцијата и убавината на човечкото тело, но во движење. Поточно: со тело во „максималното“ движење, ни изјави лани Ношпал кога ја доби честа да дизајнира костими за премиерата на „Силентиум“ во легендарниот „Бољшој“ во Москва.
![]()
Балетот не само професија туку и животна школа, велат балетските професионалци. Ве учи дека во животот желбите се остваруваат само со голема работа и дека секогаш се доаѓа до лични победи кога енергијата ја усмерувате кон вистински вредности. Балетот како една од најубавите уметности претставува симбол на единство на телото, разумот и срцето. Потребен е огромен труд,посветеност, дисциплина… Но во секоја професија тоа е неопходно за високи цели.
![]()
-Да бидеш класичен балетски уметник е привилегија на талентирани поединци. Потребни се многу предуслови, посебно школување, могу влог и откажувања за да може да се развива до виртуозност еден поединец. Магијата е во постојаната потреба за надградување и усовршување која се одвива во текот на целиот творечки живот на еден уметник и има високо поставени цели и задачи. На тоа се надоврзува трансформацијата и постојаното истражување и навлегување во психологијата на секој нов лик, ни изјави во интервју за „Независен“ Тања Вујисиќ-Тодоровска, на сцената примабалерина, и цел живот – дама.

– Балетот претставува синтетска уметност , која со заемно дејство спојува повеќе уметност. Изразните средства, кореографските форми, музиката, балетската драматургија имаат за цел да создадат уметничко дело во кое доаѓаат до израз пластичноста и изразноста на човековото тело. Говорот на телото е танцово пластично олицетворение на животните содржини преку кои се отсликуваат чувствата, карактерите и мислите на луѓето. Секоја поза во танцот треба да биде осмислена така што ќе предизвика спектар на чувства изразувајќи некој драматуршки дел од текстот, почитувајќи ги основните белези на стилот и времето во кое се случува дејствието, а воедно истакнувајќи ја убавината на движењето. Сето ова во еден миг ги спојува минатото, сегашноста и иднината, објаснува Тодоровска.

Поединци кои се издвојуваат со своите способности, надареност, интерес и индивидуалност, кои оставаат посебен белег и се издвојуваат со оргиналност го носат епитетот на прима. Покрај талентот, танцовото образование од овие поединци се очекува да имаат и интелектуални и емотивни способности, што се неопходни за еден врвен уметник. Особено е важно да бидат личности со харизма , појава која плени и ја освојува публиката.Најтешко во кариерата на една примабалерина не е да блесне туку да опстане.

-Балетот е професија која се стреми кон совршенство. И на најдобрите им наоѓаат мани. Но најблиску до тоа совршенство се сепак уметниците излезени од школите во Русија, Украина и Франција. Тоа се должи на традицијата, големата селекција, како и знаењето и високото творечко искуство на нивните педагози, вели Тодоровска.
Балет кој носи највеќе предизвици според неа е „Лебедово езеро“.
-Тоа е балет кој покрај природни предиспозиции изискува и високи професионални и уметнички квалитети. Во светски размери омилени ми се сите балети кои имаат добри продукции и врвни изведувачи. Имав можност во Санкт Петерсбург – Русија да присуствувам на премиера на балетот ,,Бајадера’’ во кореографија на Начо Дуато на покана на мојата пријателка Ангелина Атлагиќ која беше костимограф и сценограф на преставата. Бев одушевена .
Л.Сабит/ Фото: Дирекција на Охридско лето