Спектакл и емоции: Скопје ќе ја памети волшебната ноќ со Пласидо Доминго (фото)

И тоа се случи. Скопје го виде вечерва славниот шпански тенор Пласидо Доминго во живо, и Доминго го виде Скопје овие неколку дена. На сценатата во „Борис Трајковски“ со претставници од политичкиот врв, дипломатскиот кор и со публика од регионот, се случи оперска магија исполнета со емоции и драматичност, благодарејќи на професионалниот настап на Доминго, еден од Тројцата тенори, (Павароти, Доминго и Карерас беа најпознатото трио тенори во светот) , Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, која одлично му парираше на оперската ѕвезда и страсниот диригент Марчело Рота.

Оркестарот на Националната опера и балет, заедно со хорот, во текот на два и пол часа, не водеше маестрално низ делата од италијанската музичка литература, но и на шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.

Доминго има 84 години, но и покрај тоа, неговиот глас се уште го одликуваат препознатливи драмски квалитети. Публиката уживаше во реткиот гала настан во Скопје. За среќа, не ѕвонеа телефони, како по традиција, ама на крајот, кога ѕвездите на сцена се појавија на бис, дел од публиката, не доседе и почна да ја напушта салата.

Концертот го организираше Националната опера и балет со „Прагма продукција“, а со поддршка од Министерството за култура и туризам и бројни спонзори.

Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди.

Доминго е вториот од Тројцата тенори кои дојдоа во Македонија – по настапот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година, кој беше гала настан за паметење.
Л. Сабит
