Специјалната обвинителка конечно на распит: Дали Јанева ќе стане осомничена?

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева по еден месец од нејзината оставка и нејзината вмешаност во аферата „Рекет“, утрово конечно ќе се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и ќе се соочи со обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска.
Јанева ќе дојде во Обвинителството во својство на сведок, а дали ќе излезе од таму како осомничена ќе процени јавниот обвинител, во зависност од тоа дали има собрано доволно докази против неа.
Таа треба да ја објасни својата улога во случајот „Рекет“ и зошто контактирала со осомничениот Бојан Јовановски и со бизнисменот Орце Камчев, на кого во снимките му вели дека „сѐ ќе биде ок“. Јанева и во официјална изјава и неофицијално пред колегите тврди дека била злоупотребена и дека не зела никакви пари, а целта со Камчев и била да го обезбеди како сведок за некоја нова предистрага.
Специјалната обвинителка нема имунитет, но освен Собранието кое ја изгласа нема друг орган над нејзе, а оставката се уште не и е депонирана, туку е условена со носењето на новиот закон за јавно обвинителство.
Бидејќи нема никој над Јанева, на адвокатите им оди тешко да издејствуаат нејзино изземање во случаите на Специјалното јавно обвинителство. Вчера адвокатот Еленко Миланов, кој го брани еден од осомничените во случајот „Титаник 3“, од судијката Марија Клетничка побара изземање не само на Катица Јанева како овластен тужител на обвинението, туку и на нејзините полномошници, односно обвинителите кои го водат предметот, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
„Од минатата главна расправа случувањата во ова обвинителство се изменети. Постои директна конфронтација меѓу овластениот тужител, Катица Јанева и потписиците на обвинението (Фатиме Фетаи)“, рече адвокатот Еленко Миланов по недоразбирањата кои се случија минатата недела во СЈО, откако Фетаи обелодени дека и бил правен претрес кога влегувала во зградата. Според Миланов никој не е над законот, па според него за изземањето на Јанева мислење би требало да даде Советот на јавните обвинители, а конечната одлука треба да ја донесе Собранието, единствената институција пред која Јанева има одговорност.
По половина час пауза судијката го одби барањето на Миланов да биде изземена Јанева и порача дека адвокатот го злоупотребил правото на одбрана и поднел неосновано барање за изземање, за што Клетничка најави дека ќе ја извести Адвокатската комора. Барањето за изземањето на обвинителите, Фетаи и Бубевски, Клетничка го испрати кај нивната шефица Јанева, која по кавгата со Фетаи беше ставена во ситуација да одлучува дали ќе ја изземе од случајот. По два и пол часа стигна и одлуката на Јанева, која сепак го одби барањето нејзините обвинители да бидат изземени од „Титаник 3“.
Судечкиот совет цени дека тоа не може да претставува пречка за процесот, поради самостојноста на СЈО утврдена со посебен закон, како и одредбата од Законот за кривична постапка за изземање на јавни обвинители.
По овие барања, судењето за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година, каде обвинети се тогашните членови на општинската изборна комисија во Чаир, Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, “ продолжи со читање на нов доказ предложен од одбраната на обвинетите.
Во исто време утрово требаше да продолжи и судењето за случајот „Титаник“, но се одложи бидејќи еден од судиите, Огнен Ставрев е на боледување. По судската ферија, за време на која пукна аферата, адвокатите во сите предмети на СЈО побараа изземање на Јанева, а прво такво барање беше на рочиштето на „Титаник“. Судијата Осман Шабани уште тогаш порача дека оставката на Јанева е условена, и дека судот ќе одлучува како да постапи тогаш кога нејзината оставка ќе биде констатирана.
Изземање беше побарано и минатата седмица на судењето за случајот „ТНТ“, бидејќи обвинетиот поранешен градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски се сомневал дека Јанева повлекла обвинение против сопственикот на струшка градежна фирма, бидејќи тој уплатил пати на сметка на невладината на Боки 13. Истрагата во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција треба да ја открие и да ја објасни поврзаноста на Јанева со Јовановски и Камчев, но и поврзаноста на високи функционери на власта со нелегалните бизниси на Боки 13.
Фросина Факова-Серафиновиќ