Спасовски за исчезнатата Вања: Проверени подруми, 50 камери, речното корито на Вардар, цркви

Посебен штаб од СВР Скопје работи заедно со родителите, познаниците, пријателите и соучениците на исчезнатото девојче


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска кажа дека МВР прави сѐ и преземени се низа мерки за наоѓање на 14-годишната Вања Ѓорчевска која исчезна во понеделникот. Спасовски не кажа никакви информации во врска со исчезнатото девојче, рече дека во моментов не може да споделува такви податоци, туку што презела полицијата досега.

 

„Никакви детални информации во овој момент не може да дадеме, сега можам да кажам податоци за постапката, што е она што се презема. Секогаш кога ќе имаме релевантни податоци ќе споделиме со јавноста“, кажа Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за резултатите од недозволена трговија со дрога од 2017-2023 година.

 

Спасовски кажа се пребарувало речното корито на Вардар, сите подрумски простории не само во околината туку и пошироко, а се бараат информации од црквите и манастирите во близина на Скопје.

„Посебен штаб од СВР Скопје работи заедно со родителите, познаниците, пријателите и соучениците на исчезнатото девојче. Вклучени се стотици полициски службеници кои деноноќно работат на овој случај. Преземаме опсежни мерки за искористување на сите можни капацитети за јавна безбедност. Преку 50 камери односни места каде што има камери се преземи и прегледани, целосно е во функција системот безбеден град, сите податоци од телекомуникациските операторите се земени, сослушани се десетици и десетици лица од кои се земени податоци и информации во однос на целиот овој настан. Преземени се електронски уреди од семејството и девојчето, кои се вештачат и веќе имаме одредени податоци од овие уреди кои можат да бидат од корист на истрагата и целата оваа постапка“, рече министерот Спасовски.

Министерот информира дека системот „сејф сити“ функционира во целиот овој период.

– Постојат низа можности, движење на возила, препознавање на регистартски таблички, утврдување на лица од сите тие коишто ќе се добијат. Инаку, препознавање на лица, тоа е систем којшто во овој моментработиме на инсталирањето на системот, во одделот за форензички испитувања и за прв пат после 30 години, по пребарување по отпечаток, ќе можеме да препознаваме и лица – рече тој.

Спасовски очекува системот за препознавање лица да биде ставен во употреба по 10 декември,. а системот сејф сити, се надградува во посебна постапка.