Спасовски: Убивањето животни нема да се толерира, постапката со ЗОО да заврши до крај


Полициските службеници вчера во Зоолошката градина во Скопје се соочија со слика која не доликува на ниту еден граѓанин, а камоли на институција која се занимава со одгледување животни, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за вчерашниот настан во Зоолошката градина во Скопје, каде беа заклани 12 коњи и една мазга за да се нахранат дивите животни. Тој очекува случајот да се истражи до крај и да се прати порака дека таквите однесувања нема да се толерираат.

– Вчера, Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за крим-полиција во Полициска станица Карпош заедно настапија во ЗОО. Имаме поднесено кривична пријава против директорот и уште пет лица кои се вработени во ЗОО. Навистина мислам дека тоа беше една слика којашто не доликува воопшто на ниту еден граѓанин, а не на институција којашто треба да се занимава со одгледување на животни, со една хумана професија. Така што, постапката и пред Обвинителството и пред надлежните органи, треба да се заврши до крај, се со цел да се прати јасна порака дека такви однесувања не смеат да се толерираат во иднина, потенцира Спасовски во изјава за медиумите.

МВР претходно соопшти дека се поднесени кривични пријави против директорот и уште пет вработени лица од Зоолошката градина Скопје.

При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина.

Лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото.

 Стаменов, кого синоќа го разреши градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, денеска одржа прес-конференција пред Зоолошката градина, на која кажа дека постапката во која беа заклани коњите иако е непопуларна, е законска.

„И покрај сите изнесени ставови во јавноста, јас не сум убиец на животни и мојата невиност ќе ја докажам. Коњите ни беа отстапени од затворот Идризово во лоша состојба и нашата проценка беше дека е подобро да се заколат. Ова не е ништо ново, се применува и во други европски Зоолошки градини, а и досега се правело кај нас“, кажа Стаменов и додава дека во градината има доволно храна за животните.